Ватикан: Папата Франциско во стабилна состојба
Папата Франциско кој речиси три недели се бореше со пневмонија во болница, денеска беше во стабилна здравствена состојба и немаше нови епизоди на респираторна криза, соопшти Ватикан.
Во знак на напредок во лекувањето на 88-годишниот поглавар на Католичката црква, лекарите на папата најавија дека нема да издаваат нови медицински изјави до сабота, „со оглед на стабилноста на клиничката слика“.
Папата Франциско беше примен во римската болница на 14 февруари поради тешка респираторна инфекција која бараше континуирано прилагодување на терапијата.
Во последниот детален извештај за неговата состојба, Ватикан објави дека папата нема температура и дека неговите тестови на крвта се стабилни. Иако престанаа секојдневните најави за неговата здравствена состојба, сепак лекарите оценуваат дека папата не е надвор од животна опасност.
Поради респираторни проблеми во понеделникот, папата мораше да користи неинвазивна механичка вентилација преку маска што го внесува воздухот во белите дробови. Моментално му е потребна вентилација само навечер, додека преку ден кислородот го прима преку мала цевка под носот, според написите во светските медиуми.
Папата не се појави во јавноста откако беше примен во болница, што е негово најдолго отсуство од почетокот на неговиот понтификат пред 12 години. Лекарите не најавија колку долго би можело да трае третманот.
Папата Франциско и покрај неговата болест е познат по тоа што неуморно работи, па затоа во четврток одобри назначување на двајца бискупи од болницата.
Тој во последните две години имаше неколку сериозни здравствени проблеми и е склон на белодробни инфекции бидејќи во младоста ја победил пневмонијата и изгубил дел од едното белодробно крило.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа