Кој ќе ја трча градоначалничката трка од опозицијата, СДСМ ќе открие следниот месец
Претседателот на СДСМ Венко Филипче вечерва информираше дека до 15 или 20 март ќе биде завршена селекцијата на кандидатите, а веќе во втората половина на април ќе биде познат нивниот кандидат за градоначалник или градоначалничка на Скопје, за претстојните локални избори.
До 15 или 20 март ние ќе ја завршиме селекцијата на кандидатите кои што ќе одат на анкети, поточна на теренска анкета во своите места на живеење. Некаде до средината на април, мислам дека огромен процент од кандидатите веќе ќе бидат познати и тие ќе ги преземат обврските за спроведување на своја сопствена промоција, со поддршка на централната партија. Во однос на имињата, ние се уште немаме донесено одлука. Ова ќе биде временската динамика, која што ќе одговара и за кандидатите за Скопје како за градоначалници, така и за претставници на членови на советничките листи. Во текот на април, односно во втората половина на април, веројатно ќе биде познат нашиот кандидат за градоначалник или градоначалничка на Скопје, рече Филипче вечерва за време на гостувањето на телевизијата Канал 5.
Како што рече, началниот став барем до овој временски период, е дека за секоја Општина ќе прават различна стратегија во делот на коалицирањето.
-Во таа смисла, може да поддржиме и независни кандидати, со кои споделуваме еднакви врендости и политики, во чии што политики веруваме и ние и тие, со цел да обединеме што поголем број на луѓе кои што би гласале за добри и квалитетни кадри, додаде Филипче.
На новинарско прашање дали е можна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во некои општини за време на претстојните локални избори, Филипче одговори дека немале средби на тоа ниво, но тој е отворен за сите можни коалициски комбинаторики, кои ќе донесат бенефит за граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа