Филипче: Граѓаните едвај врзуваат крај со крај, а Владата само ги лаже

Граѓаните едвај врзуваат крај со крај, а државата се наоѓа во тешка економска и социјална криза, потенцираше претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во вечерашната емисија „Само интервју“ на телевизија Канал 5.
Во интервјуто, Филипче нагласи дека е неприфатливо да има пари за тротоари и фонтани, а да нема за зголемување на платите на работниците.
„Нема 50 милиони евра за плати, а има 500 милиони евра за тротоари и фонтани. Ако навистина економијата оди добро, зошто премиерот не ги зголемува платите, туку вели дека нема пари? Очигледно нешто не е како што треба. Храната поскапе за 20%, струјата за 30%, парното за 5%, а трошоците за живот се зголемени за 5%. Ако тоа не бара инвестирање во платите, што друго бара?“ – рече Филипче.
Тој исто така посочи дека несериозен е потегот на премиерот Мицкоски, кој тврди дека зголемувањето на платите треба да биде предмет на договор меѓу работодавачите и работниците, со што директно се нарушува принципот на функционирање на Економско-социјалниот совет.
„Владата е незаинтересирана за стандардот на граѓаните и работниците. ВМРО-ДПМНЕ има историја на злоупотреба на работниците – видовме како во 2022 година ја поддржаа иницијативата на ССМ за зголемување на платите, а сега имаат можност тоа и да го реализираат. Наместо тоа, ги лажат работниците – им ветуваат дека се борат за нивните права, бараат поддршка на избори, а потоа ништо не преземаат,“ изјави Филипче
06.03.2025 - 21:16
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа