Панчо од ДНК е надвор од животна опасност

 


Фронтменот на бендот ДНК, Владимир Блажев – Панчо, повреден во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани е во стабилна состојба и во моментов не е во животна опасност, соопшти стручниот лекарски конзилиум во Клиничката болница „Аџибадем систина“ каде што се лекува.

„Пациентот Владимир Блажев – Панчо од приемот до денес се наоѓа во единицата за интензивно лекување. На овој оддел се применува највисоко ниво на медицинска грижа. По спроведување на интензивното лекување, она што можеме да кажеме е дека пациентот е стабилен и дека во моментов е надвор од животозагрозувачка состојба. Неговото лекување продолжува во единицата за интензивна нега, во третманот е вклучен мултидисциплинарен тим лекари со цел да овозможат најдобра медицинска грижа“, велат од „Аџибадем систина“ и нагласуваат дека информацијата за здравстената состојба на Панчо е дадена од страна на лекарскиот тим кој е одговорен за неговиот третман и е единствена официјална информација потврдена од болницата.

„Во ваква исклучително сензитивна состојба во која се наоѓа државата, да не дозволуваме простор за шпекулации и непроверени информации“, велат од болницата по различните вести за состојбата на Панчо кои главно се шират на социјалните мрежи.

Покрај Панчо, во „Систина“ се лекуваат уште тројца повредени во пожарот кои се сместени во болнички стационар.

Во овие шест дена во „Сиситна“ биле примени 28 повредни, некои биле прегледани во амбулантите во ургентниот центар, а некои веднаш биле хоспитализирани. Во болницата се регистрирани 20 амбулантски прегледи и осуммина хоспитализирани. Четворица пациенти, по болнички третман биле пуштени на домашно лекување.

„Ниту еден пациент кој беше хоспитализиран кај нас, не е препратен во друга здравствена институција. Повредените лица кои се третираат во ’Аџибадем Систина’ ја добиваат најдобрата грижа на ниво на светските болници, тоа го утврди и екипата на странски експерти кои дојдоа да ја посетат болницата. Имавме можност за размена на искуства со специјалисти по интензивно лекување и специјалисти по пластична хирургија од Израел и Чешка кои ја посетија нашата болница. Тие се согласуваат дека нашите пациенти се лекуваат според сите светски протоколи, и добиваат третман подеднаков ист како што би го добиле и во нивните болници, Во нашата болница имавме пациенти со различни повреди, како набиеници, скршеници, изгореници од различен степен и пациенти со респираторни проблеми како резултат на вдишениот чад од пожарот“, велат од „Аџибадем систина“.

Во болницата бил формиран кризен штаб веднаш откога добиле информација за трагичниот пожар, кој, пак, е во постојана координација со Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство. За повредените е ормиран специјален лекарски конзилиум составен од лекари од различни специјалности со 20 интензивни места за третман на најкритичните пациенти.

Покрај прифаќањето на повредените, од „Аџибадем систина“ велат дека со три медицински возила со анестезиолог и анестезиолошки техничар во секое се вклучиле во транспорт на повредените. Извршиле вкупно 18 медицински транспорти, од кои: 4 меѓународни транспорти до болниците во Солун, 2 медицински транспорти за преземање на пациенти од друга здравствена институција до нашата, и 12 медицински транспорти до аеродромот Петровец.

Од „Аџибадем систина“ велат дека болницата останува отворена за бесплатен третман на сите пациенти повредени во пожарот кои имаат потреба од болничка нега.

21.03.2025 - 14:17

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега