Од Дебар до Тирана за еден час без патарини: Пуштен во употреба големиот тунел Муриз

 


Со пуштањето во употреба на големиот тунел Муриз, попладнево, што е дел од автопатот „Патот на Арбр“ (Руга е Арбрит), од Дебар до Тирана веќе се пристигнува за еден час. 

Во присуствуваа жители од поширокиот регион, со зурли, тапани, оро, беше пречек премиерот Еди Рама, заедно со вицепремиерката, воедно и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, како и други министри.

Вообичаени говори немаше, освен поздравување со граѓаните на кои Рама уште еднаш им вети дека додека е тој на чело на албанската влада, на овој автопат нема да се наплатува патарина.

- Иако е дел од јавно-приватно партнерство (ЈПП), патарина нема да ја плаќаат ниту албанските граѓани, ниту странците, додека јас сум премиер. Овој пат е финансиран со албански средства. На сите патишта може да се наплатува патарина, но не и Патот на Арбр, рече  претходно Рама.

Тунелот од денес е пристапен  за сите видови возила, а работите продолжуваат на помошниот тунел, кој е за итни случаи. Почна да се отвора во мај 2019 година, но работите одеа многу побавно од предвиденото, поради тешката геологија и лизгањето на земјиштето. Тој е со должина од 3,78 километри. 

Автопатот за сообраќај беше пуштен на крајот од ноември 2021 година, севкупно, има 7 тунели, со вкупна должина од 8,5 километри, како и 4 моста, едниот од нив, со 158 метри е највисок на Балканот.

-Со должина од околу 74 километри „Патот на Арбр“ станува важен коридор за поврзување Исток-Запад. Не само што ќе ги доближи граѓаните на Тирана и на цела Албанија со Дебар и Северна Македонија, туку ќе биде и артерија на економскиот развој и туризмот. Исто така, оваа патна оска ќе биде најкратката рута што ќе ја поврзува Тирана со Пешкопеја, како и со Северна Македонија, Дебар, Тетово и Скопје, така што ќе биде меѓународен пат за поврзување, изјави претходно Балуку.

Поради добрата инфраструктура во контиунитет се зголемува фреквенцијата на патници на преминот „Блато. Така, минатата година, како што за МИА, потврдија од македонското МВР, на влез и излез регистрани 834.345 патници, од нив странски 672.062 и 162.283 македонски државјани. Споредено со претходната година бројот е поголем за 120.086 патници. 

14.03.2025 - 16:57

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега