Орбан: Македонија и Србија уште утре треба да влезат во ЕУ

 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска повика Србија и Македонија „уште утре“ да бидат примени во Европската унија, наспроти иницијативите на Брисел за брзо пристапување на Украина кон Унијата, пренесе „Јуроњуз“.

Орбан повтори дека Унгарија е против забрзаниот пристап на Украина во ЕУ бидејќи, според неговите зборови, тоа ќе ја уништи унгарската економија. Наместо да ја прима Украина, унгарскиот премиер се залага Унијата да овозможи побрз пристап за земјите од Западен Балкан.

– Србија би можела да биде примена во Европската унија уште утри и тоа нема никому да наштети. Напротив, ќе донесе големи економски придобивки за целата Европска унија, а особено за Унгарија, бидејќи ние сме ѝ соседна земја. Македонија и Црна Гора исто така треба да бидат примени, уште утре. Ова ќе донесе исклучителни економски придобивки за Унгарија – изјави Орбан.

Според него, земјите од Западен Балкан не можат да се споредат со „уништената Украина, која само зема пари, а не носи ништо“ во однос на нивниот степен на развој, системот на функционирање на државата и перспективите.

14.03.2025 - 22:57

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега