Во една удрил гром, во друга нема клима, половина од државните станици за квалитетот на воздухот не даваат целосни резултати

 

Половина од 22-те државните мерни станици за квалитетот на воздухот не даваат целосни резултати во ек на најголемо загадување на воздухот. Пет мерни станици не ги мерат најштетните во овој период, ПМ 2,5-честичките, за кои лекарите велат дека може да навлезат најдлабоко во организмот, други пет не ги мерат малку покрупните ПМ 10-честички. И за едните и за другите секоја зима се алармира дека се меѓу најголемите загадувачи кај нас. Пет мерни станици не мерат јаглероден моноксид, три мерни станици не покажуваат вредности за азотен диоксид, во пет не се мери озон и три мерни станици не мерат сулфурен диоксид.

Последниот денешен пресек на мерните станици во 13 часот покажа дека нецелосни резултати даваат мерните станици Ректорат, Миладиновци, Ѓорче, Петров, Битола 1, Кичево, Лазарополе, Прилеп, Охрид, Струмица, Кочани, Куманово, Гевгелија и Берово.

Министерството за животна средина и просторно планирање, и покрај нецелосните податоци во мерните станици, вели дека државниот автоматски мониторинг-систем за квалитетот на амбиенталниот воздух, генерално, е во добра состојба, сите мерни станици се во функција, но со оглед на тоа што се во континуиран режим на работа, има одредени дефекти на инструментите.

„Во автоматската мониторинг-станица за квалитетот на амбиенталниот воздух Ректорат (Скопје) во моментот е во функција само мерниот инструмент за ПМ 10, а сите други (NO-NO2-NOx; CO; О3 и PM 2,5) се исклучени поради нивна заштита за да не дојде до прегревање на сите мерни инструменти поради тоа што во моментот нема функционален клима-уред во станицата“, велат од кабинетот на министерот за животна средина, Изет Меџити, од каде што истиот одговор го даваа на медиумите и минатата година на почетокот на грејната сезона.

Автоматските мерни инструменти за ПМ 10 од автоматските мониторинг-станици Прилеп, Берово и Кочани и ПМ 2,5-инструментите од автоматските мониторинг-станици Прилеп и Берово од Министерството велат дека во моментот се на сервис.

„Се врши нивна дијагностика, која со оглед на комплексноста на самите инструменти и на самите дефекти од мерните инструменти е процес што се извршува со внимание и со следење на параметрите од мерните инструменти, што одзема време, за потоа тие да се сервисираат со санација или замена на неопходен резервен дел од оние што се на располагање и за на крајот да се изврши нивна калибрација“, велат до Министерството за животна средина.

14.02.2025 - 18:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега