Унгарија и Словачка ги блокираа санкциите на ЕУ кон Грузија

 

Унгарија и Словачка ги блокираа плановите на Европската Унија да ја санкционира Грузија поради насилство врз проевропските демонстранти и опозициските лидери, објави утринава германската новинска агенција ДПА.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, ја оправда одлуката на неговата земја во понеделникот по состанокот на ЕУ во Брисел тврдејќи дека Унијата ја зазема страната на демонстрантите и дека Грузија била цел само затоа што на изборите победила патриотска и конзервативна партија наместо либералните сили.

Планот на ЕУ беше да воведе забрана за влез во ЕУ на неколку функционери одговорни за полициското насилство и да ги замрзне сите средства што тие можеби ги имаат во ЕУ. Сепак, тоа овој пат не успеа.

Сепак, планот за укинување на безвизниот режим за Грузијците со дипломатски пасоши или за луѓето што работат за владата во странство сè уште е на маса. Планот е ова да се предложи на крајот на годината, изјави еврокомесарот за надворешна политика и безбедност, Каја Калас. За ова би било доволно само мнозинство гласови од земјите членки, а не едногласна согласност како во случајот со санкциите.

Огромното мнозинство од членките на ЕУ веруваат дека грузиските власти неодамна користеа незаконско насилство и произволни апсења против демонстрантите и лидерите на опозицијата.

Противставувањето на Унгарија и Словачка на санкциите дојде откога Литванија најави проширување на санкциите на уште 17 лица, кои ги смета за одговорни за насилството.

Литванија исто така го стави грузискиот премиер Иракли Кобахидзе на листата на санкционирани лица, на кои, како и другите на списокот, му е забранет влез во Литванија. Естонија претходно додаде 14 дополнителни грузиски политичари на својот список.

Австрискиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг, повика да не се уништуваат сите мостови кон Грузија.

„Би сметал дека е геостратешка грешка да се оттргне оваа земја во овој момент“, рече Шаленберг додавајќи дека е неопходно да се одржи дијалогот и дека мнозинството Грузијци сè уште сакаат да ѝ се приклучат на Унијата.

Тој исто така јасно стави до знаење дека Австрија не е склона да го следи примерот на Литванија и Естонија во воведувањето санкции на премиерот Кобахидзе и другите водечки политичари.

Протестите во Грузија избија по наводните нерегуларности на неодамнешните парламентарни избори и одлуката на владејачката партија Грузиски сон да го суспендира процесот на пристапување во ЕУ на четири години.

17.12.2024 - 15:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега