Арсовска: Кризите во Скопје се политички мотивирани

 


Кризите се политички мотивирани, одговори градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на прашањето кај кого е вината за проблемот со јавниот превоз и за секоја нова криза која се појавува во главниот град.

„Овие кризи се решаваат многу едноставно и имаат решение кое се наоѓа во Советот на Град Скопје. 45 лица кои земаат по 600 евра за еден ден присуство на седница во Советот за да ги решат проблемите на скопјани. Како што постои во парламентарна демократија Парламент којшто носи закони коишто Владата ги спроведува, така и во градот Скопје постои Совет којшто мора да донесе одлука за градоначалникот и директорите на јавните претпријатија да ги спроведат. Верувам дека на целата јавност веќе по три години им е јасно дека ова се е политички мотивирано и дека доколку тука би стоел некој полтрон којшто би бил корумпиран, би ги решавал проблемите како што тие сакаат, да ги брцаат рачињата во медот на секои пет минути како им е ќеиф, вакви проблеми ние немаше да имаме“, рече Арсовска.

„Имаме криза затоа што стои човек кој нема намера да попушти пред ничии притисоци, затоа што е чесен и затоа што работиме се во интерес на граѓаните, па макар тие да саботираат и до последниот ден“, додаде Арсовска алудирајќи на себе си.

Запрашана за тоа уште за колку дена ЈСП Скопје има нафта за автобусите од интервентната набавка и кога ќе се распише тендер, таа рече дека не би знаела да одговори.

„Јас не распишувам ништо ново, тоа би требало како прашање да го упатите до директорот на ЈСП“, посочи Арсовска.

17.12.2024 - 17:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега