МВР со детали: Груби со лажни информации овозможил милионски штети
На 13.12.2024 од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и корупција-Сектор за криминалистички истраги-Единица за корупција до ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава против осум лица меѓу кои и тогашниот прв заменик на претседателот на Владата Артан Груби.
„Второпријавениот А.Г., како министер во Владата на Република Северна Македонија, со цел да го прикрие кривичното дело на првопријавениот П.Б., изјавил дека има позитивно мислење од Министерството за финансии за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека такво мислење не постои. Со ова овозможил да се отстранат пречките и да започне постапката за одобрување на основањето на ова друштво, кое потоа стекнало право да приредува игри на среќа без лиценца, спротивно на Законот за игрите на среќа.
Дополнително, А.Г., како прв заменик на претседателот на Владата, ја водел седницата и ја ставил на дневен ред и ги усвоил информациите без прибавено мислење од Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, иако тоа било задолжително според член 68 став 1 точки 1 и 9 од Деловодникот за работа на Владата. Со ова овозможил формирање правни лица кои добиле право да организираат игри на среќа без лиценца, иако Државната лотарија на РСМ веќе го има вложено тоа право како непаричен влог во Друштвото Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа во 2013 година“, соопшти МВР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа