Турција добива една милијарда евра од ЕУ за сириските бегалци
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави дека Турција ќе добие уште една милијарда евра оваа година за помош на сириските бегалци во Турција.
„Оваа сума треба да се додаде на речиси 10 милијарди евра што Анкара веќе ги доби од 2011 година за да им помогне на луѓето кои бегаат од режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, кој сега е соборен“, рече фон дер Лајен.
„Речиси три милиони сириски бегалци живеат во Турција, а повеќе од еден милион добија азил во Европската унија.
Новите пари треба да се искористат за здравство и образование, но и за управување со границите и финансирање на доброволното враќање на бегалците“, додаде таа.
„Едно е јасно, сите враќања мора да бидат доброволни, безбедни и достоинствени. Работиме со УНХЦР за да се осигураме дека се исполнети сите неопходни услови“, заклучи Урсула фон дер Лајен, зборувајќи заедно со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара.
Ердоган истакна дека долгорочната и сеопфатна помош на ЕУ, вклучително и инвестициите во основната инфраструктура во Сирија, е клучна за да им се овозможи на Сиријците да се вратат во својата татковина.
По средбата, и Ердоган и Фон дер Лајен ја истакнаа потребата од постигнување стабилност и зачувување на единството на Сирија, при што таа рече дека Турција има клучна улога во рехабилитацијата на регионот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа