Минчев: Реформите во јавната администрација се клучни за нашата европска иднина

 

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, ја истакна важноста на реформите во јавната администрација на состанокот на специјалната група за реформа на јавната администрација посветен на европските интеграции и административните реформи.

Министерот Минчев упати благодарност до Европската Унија, СИГМА, РеСПА, и останатите партнери за нивната континуирана поддршка и посветеност, нагласувајќи ја клучната улога на јавната администрација како столб на модерното општество и важен фактор за подготовката на Република Македонија за членство во Европската Унија.

„Реформата на јавната администрација е еден од главните приоритети во пристапното партнерство со Европската Унија, дел од првиот кластер – Основи, во согласност со новата Методологија за пристапни преговори. Но, овие реформи не се само обврска кон ЕУ, туку и обврска кон нашите граѓани. Наша цел е да изградиме модерна, транспарентна и ефикасна јавна администрација што нуди брзи и квалитетни услуги за сите,“ – истакна Минчев.

Минчев информираше за клучните активности на Министерството за јавна администрација, кои се насочени кон реализација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030, Планот за раст и Патоказот за реформи.

Во тек е изработка на нова законска рамка која ги опфаќа законите за вработените во јавниот сектор, административните службеници, и стручното усовршување, со цел воспоставување институционални механизми за континуирана едукација и професионализација на службениците.

„Извештаите на Европската комисија и оценските мисии на СИГМА ги гледаме како компас за насочување на реформите. Тие ни покажуваат не само каде треба да бидеме подобри, туку и колку е значајна соработката со ЕУ и сите останати партнери,“ – додаде министерот, повикувајќи на заеднички напори за исполнување на приоритетите.

Минчев ја истакна потребата од зајакнување на меѓуинституционалната соработка и партнерствата со граѓанскиот сектор, како и меѓународните организации.

„Нашата посветеност на реформите е недвосмислена, но успехот е возможен само преку заеднички труд. Уверен сум дека со стратешка соработка ќе постигнеме значајни резултати кои ќе ја потврдат нашата подготвеност за полноправно членство во европското семејство,“ – заклучи тој.

Министерството за јавна администрација останува посветено на исполнувањето на своите реформски цели во партнерство со Европската Унија и меѓународните организации.

17.12.2024 - 12:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега