Груевски: Граѓаните ја видоа разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, очекувам силна и јасна победа на изборите
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска во Охрид имаше работна средба со премиерот на Унгарија и лидер на владејачката партија ФИДЕС Виктор Орбан и со поранешниот премиер на Словенија и претседател на најголемата Словенечка демократска партија, Јанез Јанша.
Тој потенцира дека на денешната средба разговарале за перспективите за членство во ЕУ, но и размениле информации за состојбите во различни држави, изборни резултати во некои држави и за предизвиците кои доаѓаат во иднина.
На вториот дел од дискусијата, Груевски ги информирал гостите за состојбата во Македонија, во пресрет на изборите и општо земено.
-Ги информирав дека веќе сме во ек на кампањата за локалните избори за кои што се очекува силна победа на ВМРО-ДПМНЕ во најголемиот дел на општините низ Македонија каде што очекуваме во најголем дел од општините да победат нашите градоначалници и ВМРО-ДПМНЕ да излезе како победник. Исто така информирав дека атмосферата во која што се одвиваат овие избори е исклучително лоша и непријатна. Веќе сме четврти ден, а зад нас има бројни нерегуларности, злоупотреби, за жал од вчера и пукања и ранети луѓе. Навистина тоа е многу загрижувачко во однос на одржување на фер и демократски избори, истакна Груевски.
Тој ги информирал Орбан и Јанша за злоупотребите кои се прават од страна на владејачката гарнитура во правец на секојдневно пуштање на кривични пријави на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да го нарушат нивниот имиџ.
-Тоа им е пракса која што ја започнаа еден ден откако ја објавивме листата на кандидати за градоначалници. Од тој ден, па наваму, безмалку секој ден има по една кривична пријава за некој од нашите градоначалници што укажува на неколку работи, Прво, укажува дека нашите опоненти се свесни дека ќе ги изгубат овие избори. Второ, дека се можне исплашени заради сето тоа и трето, дека во паника спасот го бараат преку нефер средства и нерегуларности. Тоа прави една лоша атмосфера во земјата и тоа не е добро во однос на создавање на една фер атмосфера за фер и демократски избори, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак и покрај тоа, вели дека од партијата се убедени дека граѓаните мнозинството доверба ќе ја дадат на ВМРО-ДПМНЕ заради повеќе причини.
-Прво затоа што имаме далеку подобри и покомпетентни кандидати за градоначалници. Второ, затоа што во овие четири месеци граѓаните во Македонија ја видоа разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и нашата коалиција и владеењето на СДСМ и нивната коалиција. Видоа како ја злоупотребуваат власта, како не ги исполнуваат ветувањата што ги дадоа пред луѓето, како одат директно, спротивно на волјата на граѓаните и како ја уриваат економијата во земјата, преку различни начини, а еден од начините е искажувањето на непожелност на странските инвеститори во Македонија. Сите економски показатели во последните 4 месеци се исклучително лоши и тие се само огледало на она што се случува во економијата, односно третманот на економијата од новата влада, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека постојат уште многу причини заради кои граѓаните ја видоа огромната разлика помеѓу неговата партија и СДСМ.
-Видоа дека кога навистина станува збор за ВМРО, секогаш станува збор за партија која е посветена на многу работа и секогаш е посветена на националните и државни интереси на Република Македонија. Од тука дојде и нашиот слоган „Секогаш работа, секогаш Македонија“ кој соодејствува со она што ВМРО-ДПМНЕ го покажа изминатата декада. И таа разлика е се повидлива и затоа убедени сме јас и мнозинството граѓани дека не само што ќе има победа, туку таа ќе биде силна и многу јасна, порача Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа