Министерството за правда со допис до Владата за предлог разрешување на државниот јавен обвинител

 


Министерството за правда соопшти дека постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата на РСМ одржана на 11.02.2025 година презеде активности и подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Република Северна Македонија.

Во изминатиот период, појаснуваат од таму, бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство.

„Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките.

Во Законот за Јавното обвинителство е наведено дека Јавниот обвинител на РСМ е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на Јавното обвинителство и за својата работа одговара пред Собранието. Собранието пак, како највисок претставнички орган на граѓаните е уставно надлежен за именување и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија“, информираат од Министерството за правда.

14.02.2025 - 13:29

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега