Ласовска: Кадрите на СДС и ДУИ метастазираа недоверба во сите институции

 


Во вчерашното гостување на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, ги изнесе своите ставови во однос на незадоволството и недовербата на граѓаните во правосудството. Таа истакна дека борбата против криминалот и корупцијата мора да продолжи, и дека постојат правни алатки за истото. Ласовска додаде дека, колективно треба граѓаните да добијат поддршка при борбата за неселективна правда.

„Овие луѓе коишто тоа го правеле, немаат буквално ништо човечко во себе и по мое скромно мислење тие треба да одговараат за геноцид. Ова е геноцид врз здравјето на граѓаните и она што следиме што се случува, ваквата селективност во определување на мерка притвор и мерка на претпазливост е само уште една причина ние како власт коишто сме најодговорни во моментот, да го спроведеме владеењето на правото и враќање на довербата кон институциите. Практично да продолжиме со борбата против криминалот и корупцијата. Метастазирано е во сите институции, а особено во третата власт“, изјави Ласовска.

Ласовска говореше за нефункционалното судство како орган, додавајќи дека истото мора да започне да работи во интерес на граѓаните. Според неа инсталациите на претходната власт, коишто наместо правен воспоставиле криминален систем мора да се запрат.

„Таа е независна, меѓутоа имаме делови од оваа власт, судската власт, коишто ги бира Собранието. И кој е одговорен? Органот којшто ги избира, нормално. Мора да поставиме едни јасни граници и мора да почнеме со многу голема борба и офанзива кон овие инсталации коишто наместо да правораздаваат тие го штитат криминалот“, истакна Ласовска.

Ласовска објасни дека незадоволството на граѓаните кон ваквиот начин на делење на правда од страна на судската власт е сосема оправдано, и на селективната правда мора да ѝ се стави крај.

„Ние не сме репресивен орган, ние носиме закони. Има алатки во Собранието како надзорни расправи итн. Но, во моментов тече истрагата и навистина треба да оставиме простор на истрагата, но можеме и нужно е да критикуваме вакви одлуки, селективно одредување на мерките за претпазливост, притвор. Сметам дека треба да се придружиме кон гласноста на граѓаните, незадоволството на граѓаните кон ваквото делење на правда односно неправда. Оттука, е уште едно оправдување на сите чекори коишто ние како законодавна власт почнавме веќе да ги преземаме, првите чекори, како што беше пред неколку дена со интерпелации за Судскиот совет. После ова и не само после ова, и редица, дузина на предмети, ние ова треба да го прошириме, гласноста и за ЈО. Има поединци коишто многу чесно си ја работат работат, но се доведува во прашање и нивната професионалност па и коруптивни елементи. Има органи коишто тоа треба да го испитаат“, заклучува Ласовска.

14.03.2025 - 10:16

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега