Деаноски: Во неколку министерства има притисоци да не се излегува на протест
Државната администрација од неколку министерства и денес излезе на получасовен протест со барање за 30 отсто поголема плата и потпишување колективен договор. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски денес пред Министерството за култура, ја замоли опозицијата да не се лепи на протестот, а на Владата и порача да не го меша УПОЗ со некој друг Синдикат.
„„Не случајно на вториот ден од протестите сме тука пред Министерството за култура. Во 2023 година токму овие вработени 21 ден по ред протестираа пред Владата на Република Македонија со истите барања како и денес – потпишување на колективни договори и зголемување на платите на вработените. Нашите барања се исти со години наназад и секој обид од страна на Владата или политичките партии да докажат дека има политика во протестите или во работата на Синдикатот ќе биде залуден.
Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на овие протести бидејќи имаа седум години да го решат овој проблем, но наместо да го решат, направија се што можат да го забранат колективното договарање па дури беа и првата Влада која поништи колективен договор. Да ја поправам вчерашната изјава на Владата бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со друг Синдикат“, рече Деаноски и потсети дека изминативе три години УПОЗ има организирано три штрајка и најмалку 20 протести.
На вториот ден протести на државната администрација, некои од вработените се пожалија дека има Министерства во кои се вршат притисоци да не се излегува на протест.
„Во неколку министерства да, има притисоци да не се излегува на протест. Моментално не можеме да ги кажеме, но ќе одговориме на тоа до крајот на неделата“, рече Деаноски.
На протести за 30 отсто поголема плата и потпишување колективни договори излегуваат вработените од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив. В петок најавија дека ќе протестираат пред Министерството за финанси.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа