Божиновска: Жените во науката и инженерството не се исклучок туку правило
Македонија е една од ретките земји каде што бројот на жени истражувачи е над 50 отсто од вкупниот број истражувачи, што е показател за огромниот потенцијал што го имаме. Меѓутоа, тоа не значи дека треба да застанеме – напротив, потребна е уште поголема поддршка за девојките и младите жени да се охрабрат и да ги следат своите интереси во науката, инженерството и енергетиката, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска на средба со млади девојки од земјава кои градат кариера во областа на науката, инженерството и технологијата.
На средбата, организирана по повод Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, учествуваа добитнички на Инженерски прстен, како и девојки кои се дел од програмата Global Engineer Girls на Групацијата Лимак.
Како што информираат од Кабинетот на Божиновска, овие млади жени, кои веќе се впуштиле во инженерството и научната дејност, ги споделија своите искуства, предизвици и успеси, истакнувајќи ја важноста на поддршката и можноста за учество во STEM (СТЕМ) областите (наука, технологија, инженерство и математика). Средбата беше исполнета со инспиративни приказни, идеи и заеднички цели за промовирање на овие критични области меѓу младите жени во Македонија.
-Жените во науката и инженерството не се исклучок, туку правило што мора да се поддржи и унапреди. Полот не е пресуден за успех – квалитетот, трудот и посветеноста се клучните фактори. Наша обврска е да ги обезбедиме сите можности што ги заслужуваат, рекла Божиновска.
Таа истакнала дека поддршката за зголемување на бројот на девојки и млади жени, посебно во инженерството и областите енергетика и рударство, е една од приоритетните цели на Министерството. Ги охрабри учесничките да продолжат да се трудат и да веруваат во своите способности, истакнувајќи дека жените имаат значаен удел во економскиот и општествениот напредок на државата.
На средбата се разговарало и за идните иницијативи кои ќе ги поттикнуваат младите жени да се вклучат во СТЕМ областите. Меѓу нив се и менторските програми и програмите за практикантство во државните институции и компании, како што се ЕСМ, МЕПСО, МЕМО – Македонската берза на струја, како и во рударскиот сектор. Овие програми имаат за цел да им овозможат на младите жени реално искуство и поддршка за нивниот професионален развој.
Учесничките ја потенцирале важноста од поголема видливост на успешните жени во науката и инженерството, како и потребата од заеднички иницијативи за популаризација на овие професии меѓу младите девојки. Тие изразиле подготвеност за соработка со Министерството во промоција на СТЕМ професиите со цел во иднина да има уште повеќе млади инженери и научници кои ќе придонесуваат за развојот на Македонија.
Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, усвоен од Обединетите нации во 2015 година, има за цел да го истакне значењето на родовата еднаквост во СТЕМ професиите. Овој ден е потсетник дека светот не смее да биде лишен од потенцијалот, интелигенцијата и креативноста на жените, кои често се соочуваат со нееднаквости и предрасуди.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа