Африм Гаши: ДУИ за СДСМ е тотем на кој мора да му се поклонува
Алтернатива не жали што не е повеќе дел од власта, но кај лидерот на партијата Африм Гаши постои чувство дека се жртва на внатрепартиските проблеми во СДСМ. Тој во интервју за Прес 24 вели дека пред 12 месеци не само што го спасиле СДСМ и го направиле Ковачевски премиер, пратениците на Алтернатива биле клучот со кој преговорите со ЕУ станаа реалност.
-Без нас немаше да има влада, ќе требаше да се оди на предвремени избори, а после тие избори Ковачевски речиси сигурно немаше да биде ни заменик министер, а дали победникот на таквите избори ќе ја оставеше земјата на истиот стратешки колосек, тоа не знаеме. Како и да е, на крај ние ја плативме политичката цена да бидеме принудени да излеземе од таа влада или, со ваши зборови, да бидеме исфрлени, вели Африм Гаши,претседател на Алтернатива во интервју за Прес 24.
Тој оценува дека на СДСМ му се залепува етикетата дека другите албански партии за нив се потрошен материјал, а само ДУИ е константа која ја доживуваат како тотем на кој мора да му се поклонуваат.
-Не можат да избегнам од чувството дека од една структура ние сме омразени затоа што пред 12 месеци главните преговори за влез во владејачкото мнозинство ги правевме со Зоран Заев. Актуелниот премиер Ковачевски тогаш беше само гарант дека договореното ќе се оствари. Дали ме лаже чувството дека Алтернатива е жртва на внатрешни пресметки во СДСМ или не, ќе покаже времето пред нас, вели лидерот на Алтернатива. Според него главната причина за реконструкцијата не е зголемување на мнозинството, туку единствено се случи бајпасирање на т.н. „огнена група“ која не се согласува со безусловната заштита која Ахмети му ја дава на Груби.
-Ако навистина сакаа зголемување на мнозинството, тогаш ќе покажеа почит кон оние кои во клучни моменти го подметнаа грбот. Сега и математиката ги демантира. Бевме 64 пратеници во мнозинството а сега се 65, вели Гаши.
Како опозиција во Собранието нема да брзаат со можни нови коалиции.
-Ние очекуваме од ВМРО да има појасен став околу нивната заложба за евроатлантска интеграција на земјата, ако сака да има албански партнери, но тоа е сепак нивна работа. За другите албански опозициски партии или фракции, ќе треба допрва да се види кои се очекувањата, определбите, залагањата. Нема никаква потреба за брзање, вели Африм Гаши,претседател на Алтернатива во интервју за Прес24.
Во него тој ја анализира и идејата на генералниот секретар на партијата за заедница на албански општини во Македонија.
ПРЕС24: Една година поминавте во власта, бевте партија која пратично ја спаси СДСМ, но една година подоцна завршивте како исфрлени од власта, или нешто друго се случи?
ГАШИ: Прво, сакам да го нагласам следното. Воопшто не жалиме што излеговме од владејачкото мнозинство. Напротив, убедени сме дека ова е најправилната можна одлука во овие околности. И нам ни олесна, бидејќи 12 месеци додека бевме во власта, во партиските органи беше жива дебатата дали е помудро што побрзо да го напуштиме друштвото што секојдневно ја губи поддршката на граѓаните. Вистина е дека ние го спасивме не само СДМС и дека Димитар Ковачевски стана премиер токму поради нас, но освен ова ние бевме клучот со кој преговорите со ЕУ станаа реалност. Без нас немаше да има влада, ќе требаше да се оди на предвремени избори, а после тие избори Ковачевски речиси сигурно немаше да биде ни заменик министер, а дали победникот на таквите избори ќе ја оставеше земјата на истиот стратешки колосек, тоа не знаеме. Како и да е, на крај ние ја плативме политичката цена да бидеме принудени да излеземе од таа влада или, со ваши зборови, да бидеме исфрлени. На тој начин СДСМ во саркастична смисла ни се заблагодари, а за жал и другите чинители во државата останаа неми во однос на оваа нова фаза на меѓукоалициони односи, во која принципите и вредностите не се почитуваат и се прават преседани кои се штетни за взаемната доверба. Ако ова е новиот стандард на владеење, тогаш никој не треба да се зачуди за идните постапки на политичките субјекти. За жал, на СДСМ му се залепува етикетата дека другите албански партии за нив се потрошен материјал, а само ДУИ е константа која ја доживуваат како тотем на кој мора да му се поклонуваат. Но, нивен избор и ќе мора да живеат со тие нивни одлуки не само сега кога се власт, туку и кога ќе бидат опозиција.
ПРЕС24: Јавноста подолго време шпекулираше дека Алијанса ќе влезе во Владата, Вие како коалиционен партнер бевте информирани за тоа, или?
ГАШИ: Нашите информации беа повеќе од медиумите отколку од нашите партнери. Иако ние не сме наивни и знаевме што се случува зад сцената, клучните луѓе на СДСМ се правеа наудрени, дека не е ништо сериозно, дека нема да биде ништо од тоа, се додека не дојдоа до крајната точка да ни ја нудат понижувачката понуда, која беше метафора на развод. Ова не е само некоректен однос, туку и повеќе од тоа – непримерен однос, нов лош стандард на политичките односи, кој секако ќе има непредвидливи последици на политичката сцена.
ПРЕС24: Во случајот Вие како политичка партија во очите на јавноста сте некој вид на жртва. Но, има некои неофицијлани брифинзи кои велат дека меѓу Алтернатива и СДСМ, или поточно ДУИ во Владата имало сериозни проблеми подолг период. За што станува збор?
ГАШИ: До сега се воздржував јавно да наметнам една друга дилема за причините за односот на дел од актуелното раководство на СДСМ кон нас. Не можат да избегнам од чувството дека од една структура ние сме омразени затоа што пред 12 месеци главните преговори за влез во владејачкото мнозинство ги правевме со Зоран Заев. Актуелниот премиер Ковачевски тогаш беше само гарант дека договореното ќе се оствари. Дали ме лаже чувството дека Алтернатива е жртва на внатрешни пресметки во СДСМ или не, ќе покаже времето пред нас. Од друга страна, јавноста знае дека на ДУИ му недостасуваа пратеници, а дека и кај СДСМ се случија некои препукувања, кои им го намалија бројот на пратениците во Собрание. И, кога им рековме „во ред, кој има недостаток, тој е должен да плати за компензацијата“, тие одлучија на еден омаловажувачки начин да се однесуваат кон нас. Останатото е познато за јавноста. Инаку, немало некои проблеми подолг период ако некој тврди такво нешто. Ние сме работеле коректно и максимално сме биле внимателни да бидеме на ниво на задачите кои ги имаме кон граѓаните а со партнерите, од наша страна сме биле максимално коректни, иако тоа никогаш не беше реципрочно возвратено од другите партнери.
ПРЕС24: Како се одвиваа овие разговори меѓу Вас и Премиерот Ковачевски. Кога беше јасно дека ќе има нов коалиционен партрер?
ГАШИ: Ние не преговаравме. Нивната идеја од почетокот беше да не доведат пред свршен чин со понуда земи или остави. Ние го дочекавме тој момент подготвени. Изгледа не нè познаваа доволно и мислеа дека таквиот однос може да помине кај нас. Алтернатива не е фирма во која одлучува директорот. Во оваа политичка организација има партиски органи, ограноци и т.н. освен тоа, вие знаете дека ниту не сме ги молеле да влеземе во влада, ниту би молеле некого да останеме во влада. За нас власта е средство за постигнување на нашите програмски цели и затоа никогаш нема да се бориме за власт по секоја цена. Едноставно, за нас постојат вредности и принципи кои нема да ги прегазиме никогаш.
ПРЕС24: Мислам дека идијата на Премиерот беше зголемено мнозинство, во кое и требаше да биде и Алтернатива и во последен момент се случи Ковачевски да достави предлог за разрешување на Вашите функционери. Зошто?
ГАШИ: Да расчистиме. Мнозинството не е зголемено. Единствено се случи бајпасирање на т.н. „огнена група“ која не се согласува со безусловната заштита која Ахмети му ја дава на Груби. Ако навистина сакаа зголемување на мнозинството, тогаш ќе покажеа почит кон оние кои во клучни моменти го подметнаа грбот. Сега и математиката ги демантира. Бевме 64 пратеници во мнозинството, а сега се 65. Така, аргументот „зголемување на мнозинство“ не само дека не држи, туку ја разголува нивната заложба за продолжување на владиниот век по секоја цена, дури и на сметка на евроинтеграцијата. Нивниот однос е сличен на песимистот кој знае дека ќе губи, па се однесува на стилот „после мене ни сонце нека не заоѓа“. За нивна жал, сонцето пак ќе заоѓа, но нема да биде исто за сите.
ПРЕС24: Но, сепак се чини дека проблем има и внатре во партијата. Заменик министерот за Култура, кој останува во Владата, вели дека Алтернатива е жртва токму на Беким Сали?
ГАШИ: Централното собрание на Алтернатива едногласно одлучи да премине во опозиција. Затоа сите кои остануваат со други пазарења во владини позиции, не се дел од нас и за нив немам никаков коментар. Ние не се натпреваруваме во иста лига со нив и за тоа нивните шпекулации или дофрлувања се недостојни за коментар.
ПРЕС24: Вие останувате сега опозиција во Собранието. Колку сте блиску, а колку далеку од можноста за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, или со пратениците на огнената група на ДУИ?
ГАШИ: Како што тргнале СДСМ и ДУИ, со нивниот игнорантски однос, можеби ќе успеат да го направат она што пред некое време на сите ни личеше невозможно. Да ги спојат и најлутите непријатели и идеолошки противници во борба против безочниот клиентелизам и политичката корупција. На последниот Конгрес на Алтернатива лани реков дека за нас нема политички пријатели или непријатели. За нас има можни соработници, ако се сложиме за стратешки цели, на програмски определби, или на политички теми. Затоа за нас секој е потенцијален соработник. Но, сега за сега нема ништо конкретно во однос на можните соработки.
Ние очекуваме од ВМРО да има појасен став околу нивната заложба за евроатлантска интеграција на земјата, ако сака да има албански партнери, но тоа е сепак нивна работа. За другите албански опозициски партии или фракции, ќе треба допрва да се види кои се очекувањата, определбите, залагањата. Нема никаква потреба за брзање.
Како и да е, ние остануваме посветени на нашите заложби и определби, кои се јавни и транспарентни. Ако се изнајде заеднички јазик на соработка со некоја друга политичка опција, може да зборуваме за начините за соработка. Ако не, ние сме подготвени сами да го изодиме овој пат и за нас не е најважно дали сме власт или опозиција, туку што претставуваме и за што се залагаме.
ПРЕС24: Последниот став од Вашата партија, а се однесува на Заедница на албански општини по примерот на Косово беше протолкуван поприлично скандалозно. Од каде потребата да се отвараат вакви прашања и Македонија да се става во контекст на косовско-српските проблеми?
ГАШИ: Квалификацијата е ваша и јас не ви посакувамда дадете себеси толку слобода на толкување, но тоа останува на вас. Ако сте го читале текстот на нашиот генерален секретар, тој повеќе се однесува на тие кои го притискаат Косово да ја прифатат Заедницата на српски општини во Косово отколку што дава некоја јасна слика што подразбира тоа за наши прилики и како тоа ќе се одрази кај нас. Секако, ние повеќе пати сме истакнале дека Албанците во Северна Македонија не ги уживаат правата на Србите во Косово иако ние сме тука повеќе од една третина на државата и дека асиметријата помеѓу општествената и државната реалност треба да се редефинира, нормално преку дијалог, разговори, аргументи и убедувања за тоа што е најдобро за кохезијата и развојот на нашата држава. Ако тоа е промена на Устав, да го направиме заедно. Ако тоа е економски план за развој, да го направиме тоа. Ако тоа е заедница на општини по етнички географски, развојни или други критериуми, да го направиме тоа. Важно е да имаме успешна држава. Ние и така сме се произнеле дека го почитуваме унитарниот карактер на државата и дека се неприфатливи било какви идеи кои го пореметуваат тоа што е постигнато. Но, за нас една заедница на албански општини нема да биде на штета на никому, туку од неа ќе имаат благодати сите. Освен тоа, таа заедница не треба да биде супституција на Охридскиот договор или пак да биде решена преку недемократски средства. Северна Македонија е најблиско од било кога со ЕУ, па затоа не треба да стравува од дијалогот со аргументи и убедувања. Тоа е европска вредност.
ПРЕС24: Реакциите безмалку на сите политички партии се со осуда. Дел од нив забележуваат дека во потребата од повисок рејтинг, Алтернатива посегнува по веќе заборавена радикална политичка реторика. Искрено овој став повеќе наликува на обид за јавање на национализам за дневно политички поени, несвоиствен за моменталната реална состојба во државата?
ГАШИ: Во ред, тоа е ваше толкување, но ако ви кажам дека поминале веќе 20 години, а децентрализацијата уште тапка на место, сигурно ќе се предомислите. И вие ќе се согласите дека имаме општини во РСМ, во случајот со мнозинство албанско население, како Студеничани, Липково, Арачиново и др., кои немаат никакви ресурси и никакви шанси за развој. Затоа една таква заедница, која ќе биде во полза на економскиот развој, во заедничка апликација на проекти и взаемна помош во воздигнување на животниот стандард, нема на биде на штета на никого, а сите кои живеат во таквите општини би добивале. Ние не рековме дека треба да се формира заедница на општини со извршни надлежности или било какви други сепаратистички атрибути. Од друга страна, жалам што не можам да помагам во излечување на албанофобијата.
ПРЕС24: Можна ли е соработка со БЕСА и на кои принципи?
ГАШИ: Ова прашање веќе го одговорив. За нас нема непријатели или пријатели. Постојат само партии со кои можеме или не можеме да соработуваме врз заедничките вредности, програмски определби или политички ставови или не можеме. А за таков вид на соработка е се уште рано да зборуваме за било која политичка партија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа