Сестрата на Фросина: Институциите го оставија семејството на прегазената Теодора две години во агонија

 
Зошто судскиот процес за ваквите трагични семејни загуби трае бесконечно? Наместо да донесат правда и утеха, институциите само ги продлабочуваат раните на семејството на Теодора. Две и пол години без одговори, две и пол години без правда, две и пол години живот во агонија…Правда за Теодора!
 
Ова на Фејсбук го напиша сестрата на Фросина Кулакова, Росица Кулакова од Неготино.
 
За потсетување, во Тетово денеска треба повторно да има судење за смртта на 23-годишната Теодора Ристовска, која животот го загуби во сообраќајна несреќа во 2022 година. Таа била прегазена од автомобил на пешачки премин и починала по неколку дена поради повредите. Семејството на Теодора информира дека судењето почнало скоро една година подоцна во јули 2023, а во ноември по признавање на вина на возачот, тој бил осуден на три години и шест месеци затвор, но како што велат, не одлежал ниту ден.
 
-Бараме правда и транспарентност во процесот. Ние за одлуките бевме информирани од медиумите. По речиси три години правна борба, а со тоа и пролонгирање и нанесување на дополнителна болка на нашето семејство, повторно сме вратени на почеток. Се прашуваме – уште колку треба да чекаме? Уште колку треба да се бориме за нешто што е очигледно?, вели Ева Ристовска, сестра на Теодора.
Инаку, и Фросина Кулакова беше прегазена и усмртена на пешачки кај Силбо, на Партизанска во Скопје, од Васил Јованов кој возел во алкохолизирана состојба.
 

04.03.2025 - 08:14

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега