Несреќа во Скопје: Дрво падна врз дете во парк, итно пренесено во Ургентен центар

 


Во инцидент кој ја потресе Општина Карпош, малолетник е тешко повреден откако врз него паднало дрво во парк меѓу улиците Никола Русински и Карпошово Востание. Според соопштението од Општината, детето е пренесено во Ургентен центар со сериозни повреди.

Општина Карпош остро реагира, обвинувајќи го ЈП „Паркови и зеленило“ за неодговорност. Според нив, дрвото било обележано за сечење подолго време, а пунктот на јавното претпријатие се наоѓа на само пет метри од местото на инцидентот.

„Иронијата да биде поголема, инцидентот се случува само на 5 метри од пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ кое е должно, согласно Законот за локална самоуправа, да го исече ова дотраено дрво. Одговорноста на „Паркови и зеленило“ е уште поголема зошто истото дрво било обележано и тоа подолго време за сечење, меѓутоа, како и во стотици други случаи јавното претпријатие и Градот Скопје остануваат глуви на барањата на Општина Карпош и на граѓаните“, се наведува во соопштението.

Општина Карпош бара од Министерството за внатрешни работи да го документира настанот и да се утврди одговорноста, барајќи правни последици за одговорните.

Во соопштението, Општината предупредува и на можни слични инциденти во градинките, поради недостиг на персонал, за што ја обвинува Владата. Тие апелираат до надлежните институции да не си играат со здравјето на децата.

„Уште еднаш апелираме до надлежните државни институции дека си играат со здравјето на децата и не би било добро доколку се случи немил настан, па потоа да ги решаваме проблемите и да бараме одговорност. Здравјето и безбедноста на децата немаат цена“, се заклучува во соопштението.

04.03.2025 - 15:37

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега