Даути се уште главна занимација за пратениците
Пратеничката група на Левица, која ја поднесе интерпелацијата за претседателката на собраниската Комисија за социјална политика Илире Даути, ќе чека неколку дена да се произнесе Европскиот фронт од чии редови е Даути и да види дали таа ќе поднесе оставка од функцијата, а доколку тоа не се случи, ќе поднесат предлог за нејзино разрешување до Комисијата за избори и именувања.
- Ние мислиме дека е коректно на Даути да ѝ се даде неколку денови, со оглед на тоа дека Европскиот фронт најави дека до четврток ќе излезе со соопштение што ќе прават дали ќе ја заменат или слично. Коректно е да ѝ се даде неколку денови таа доблесно да си даде оставка, затоа што нема никаква логика да продолжи да работи како претседателка на Комисијата, кога апсолутното мнозинство во Парламентот со 61 пратеник изгласале наводи коишто ја теретат дека работи неделовнички, незаконски и неуставно, изјави за МИА пратеникот Борислав Крмов од „Левица“.
За да ја предложи Европскиот фронт повторно, Крмов нагласи дека потребно е таа да биде разрешена. Според него, поделени се мислењата во Европскиот фронт во врска со Даути.
– За да биде повторно предложена треба да биде разрешена. Ќе видиме што ќе направат, одредени политичари даваат одредени изјави, ако ја видите изјавата на лидерот на едното крило на Алијанса за албанците, Зијадин Села, вели дека таа 100 проценти ќе остане и дека има полна поддршка, за после Илире Даути да излезе со две малку нејасни изјави кои инклинираат кон оставка, што е контрадикторно. Очигледно има поделени мислења во политичката група на Европскиот фронт, со оглед на тоа дека се повеќе политички субјекти. Нека одлучат тие што ќе прават, а според тоа, ние ќе се поставиме, рече Крмов.
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбр Адеми во изјава за МИА вели дека Даути ужива целосна поддршка од пратеничката група на Европскиот фронт, како и целосна политичка поддршка.
– Пратеничката Илире Даути ужива целосна поддршка од пратеничката група на Европскиот фронт, исто така има и целосна политичка поддршка. Она што се случи во Собранието на пленарната седница е идеополитичка диференцијација, со употреба на мајоризација, метод кој припаѓа на минатото, вели Адеми во изјавата за МИА.
На прашањето дали се очекува Европскиот фронт да одржи состанок на кој ќе одлучи во врска со тоа дали Даути ќе остане, ќе се повлече или, пак, можеби повторно ќе биде предложена од страна на Европскиот фронт за претседателка на Комисијата, Адеми не прецизираше.
– За поддршката на Илире Даути воопшто не треба да се одржи состанок, тоа е ноторно дека ужива целосна политичка поддршка, рече Адеми
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа