Ковачевски и Груби кривично ќе се гонат - МВР открива детали за случајот со Лотарија
На 13.12.2024 од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и корупција-Сектор за криминалистички истраги-Единица за корупција до ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава против осум лица: против П.Б. (31) за „злоупотреба на службената положба и овластување“ чл.353 ст.4, „примање поткуп“ чл.357 ст.4 и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ предвидено и казниво по чл. 275-в ст.3 од КЗ, против А.Г. (47) од Скопје за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“чл. 275-в ст.3 в.в. член 24, против Д.К. (50) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4, против М.Д. (58) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4, против В.П. (41) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4 и продолжено кривично дело „примање поткуп“ предвидено и казниво по чл.357 ст.1 в.в. чл.45, против А.А. (36) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4, против Н.Х. (52) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4 и кривично дело „примање поткуп“ предвидено и казниво по чл.357 ст.1 и против М.З. (38) од Тетово за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4.
Првопријавениот П.Б., како претседател на Управниот одбор на Државната лотарија на Република Северна Македонија, во периодот од 2022 до 2023 година, свесно ги прекршил законите за игри на среќа. Тој овозможил на правни лица од Скопје, Битола и Белград да организираат игри на среќа без лиценца, иако знаел дека тоа е спротивно на законот. П.Б. доставил информации до Владата за основање нови правни лица кои би добиле право за организирање електронски и интернет игри на среќа, со помош на второпријавениот А.Г., добивајќи согласност од Владата за објавување на два јавни повика кои не смееле да ги објават.
АД Државна лотарија на Република Северна Македонија, спротивно на член 7 од Законот за игрите на среќа, склучила договори за заедничко вложување со правни лица од Скопје, Битола и Белград, иако тие не ги исполнувале законските услови. Овие правни лица немале потребна регистрација и квалификации според јавните повици, кои бараат правно лице регистрирано во Северна Македонија со соодветна дејност. Со ова се прекршени правилата за јавниот повик, овозможувајќи формирање на Друштво за организирање електронски игри на среќа – Нова Државна Видео Лотарија. Како последица, новоформираните правни лица стекнале право да организираат игри на среќа без лиценца, при што правниот субјект од Скопје остварил противправна корист од 227.876.880 денари, а новоформираните правни субјекти од Скопје и Битола оствариле противправна имотна корист во вкупен износ од 55.029.956 денари.
Првопријавениот П.Б., како претседател на Управниот одбор на Државната лотарија на Република Северна Македонија, доставил информација до Владата за потребата од самостојно организирање електронски игри на среќа. По заклучокот на Владата од 06.06.2023 година, со кој Државната лотарија била задолжена да преземе активности, П.Б. донел Одлука за јавна набавка на видеолотариски терминали на 05.09.2023 година. Со ова, тој им овозможил на две правни лица од Бугарија и едно од Чешка противправна корист во износ од 615.000.000 денари.
П.Б. бил свесен дека Државната лотарија веќе го има вложено правото за организирање електронски игри како непаричен влог во Друштвото Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа во 2013 година. Исто така, знаел дека според член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа, електронските и интернет игри на среќа можат да се организираат само од трговско друштво во кое државата има најмалку 51% учество во капиталот и правото на одлучување. Овие игри, според законот, можат да ги приредува само едно друштво предвидено со ставот 2 од истиот член.
Првопријавениот П.Б., иако знаел дека АД Државна лотарија го вложила правото за приредување електронски и интернет игри на среќа како непаричен влог во Друштвото Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа во 2013 година, во Годишниот план за јавни набавки за 2023 година предвидел набавка на видеолотариски терминали во вредност од 615.000.000 денари.
Со оваа постапка, тој ја злоупотребил јавната набавка со намера да овозможи економските оператори да се стекнат со противправна имотна корист, нанесувајќи штета на буџетот на АД Државна лотарија на Република Северна Македонија. Со тоа, правното лице од Бугарија добило корист од 286.634.967 денари, правно лице од Скопје 16.043.280 денари, а правно лице од Чешка 185.701.990 денари. На тој начин првопријавениот П.Б. извршил дејствија што не би смеело да ги изврши, спроведувајќи постапка за јавен повик која не требало да ја изврши ,донел одлука за избор на најповолен понудувач, а како награда за вака преземените службени дејствија примил подарок во вредност од 1.635.000 денари.
Второпријавениот А.Г., како министер во Владата на Република Северна Македонија, со цел да го прикрие кривичното дело на првопријавениот П.Б., изјавил дека има позитивно мислење од Министерството за финансии за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека такво мислење не постои. Со ова овозможил да се отстранат пречките и да започне постапката за одобрување на основањето на ова друштво, кое потоа стекнало право да приредува игри на среќа без лиценца, спротивно на Законот за игрите на среќа.
Дополнително, А.Г., како прв заменик на претседателот на Владата, ја водел седницата и ја ставил на дневен ред и ги усвоил информациите без прибавено мислење од Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, иако тоа било задолжително според член 68 став 1 точки 1 и 9 од Деловодникот за работа на Владата. Со ова овозможил формирање правни лица кои добиле право да организираат игри на среќа без лиценца, иако Државната лотарија на РСМ веќе го има вложено тоа право како непаричен влог во Друштвото Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа во 2013 година.
Третопријавениот Д.К., како претседател на Владата на Република Северна Македонија, по претходен договор со првопријавениот П.Б., на 08.03.2022 година ја ставил на дневен ред и усвоил постапка за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека материјалите не се разгледуваат на седница согласно Деловодникот за работа на Владата (член 68 став 1). Со ова овозможил друштвото да стекне право да приредува игри на среќа без лиценца и на одговорните лица им овозможил противправна имотна корист од 8.598.000 денари.
Четвртопријавениот М.Д. во својство на генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија и покрај тоа што знаел дека материјалите кои се доставени до Владата не се разгледуваат на Седница на Владата ја предложил како точка на дневен ред за разгледување на информацијата во врска со постапката на основање на трите нови трговски друштва за приредување на интернет игри на среќа, и на тој начин со пречекорување на границите на своите службени овластувања им овозможил на одговорните лица на правни лица од Скопје и Битола да се стекнат со значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 4.852.212 денари, а новоформираните правни субјекти од Битола и Скопје да остварат противправна имотна корист во големи размери во вкупен износ од 55.029.956 денари.
Петтопријавениот В.П., во својство на службено лице - претседател на Комисијата за јавен повик учествувал во работата на Комисијата и на 04.07.2022 заедно со шестопријавениот А.А. и седмопријавената Н.Х., како членови на комисија, изготвил извештај од спроведена постапка во кој констатирал дека понудувачот-правно лице од Скопје ги исполнува сите критериуми за склучување на договор за заедничко вложување и покрај тоа што истиот не е приредувач на игри на среќа, односно не ги исполнувал законските услови согласно чл.7 ст.2 и 3 од Законот за игрите на среќа и забавните игри, ниту пак условите наведени во јавен повик во кои е наведено дека право на учество има секое заинтересирано домашно и странско лице – понудувач, кое е регистрирано за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот односно коцкање и обложување, а како награда за истото во периодот од 05.01.2024 до 10.10.2024 примил подарок - парична награда за себе во вкупен износ од 470.000 денари од правно лице од Скопје и тоа: парична награда во вкупен износ од 350.000 денари по основ месечен надоместок на член на надзорен одбор и 120.000 денари еднократно исплатена парична награда по основ член на комисија за спроведување постапка за избор на најповолен понудувач за склучување на договор за обезбедување на закуп на софтвер и он лајн платформа со играчки содржини за приредување интернет игри на среќа формирана од правно лице од Скопје.
Исто така петтопријавениот В.П. пречекорувајќи ги своите службени овластувања на 04.12.2023 заедно со шестопријавениот А.А., седмопријавената Н.Х. и осмопријавениот М.З. како членови на комисија учествувале и изготвиле извештај од спроведена постапка дека ги исполнуваат условите за склучување на договори за заедничко вложување, а како награда за истото на 25.06.2024 примил подарок - парична награда за себе во износ од 120.000 денари по основ паричен надоместок, додека како награда за истото седмопријавената Н.Х. примила подарок - парична награда за лицето Д.Х.– брат на нејзиниот сопруг Б.Х., во временскиот период од 18.01.2024 до 10.10.2024 во вкупен износ од 150.000 денари, а на одговорните лица во новоформираниот правен субјект Друштвото Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје му овозможила да се стекнат со значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 8.598.000 денари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа