Уште девет дена изборна кампања: СДСМ во Тетово - ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода и центар
Со митинзи и средби со граѓани и денеска политичките партии, коалициите и независните кандидати ги продолжуваат изборните активности за локалните избори што ќе се одржат на 15 октомври.
Изборниот карван на коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ денеска е на средби со граѓани во Теарце, Брвеница и Јегуновце, а вечер ќе одржи митинг во Тетово.
Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посети Петровец и Чучер Сандево каде ќе оствари средби со граѓани, а митинзи ќе одржи во Кисела Вода и Центар.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе има средби со граѓани во Куманово и Липково. Движењето Беса, пак, најави собир со жители во Теарце.
Кампањата за првиот изборен круг завршува на 13 октомври во 24 часот, а почна на 25 септември. Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Право на глас ќе имаат 1.814.644 граѓани запишани во Избирачкиот список.
Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа