Илиоски: Фокусирани сме да ги задржиме младите во Битола со обезбедување работа, пристоен дом и квалитетен живот
Битола ќе биде, мора да биде! Стојам пред вас и ја очекувам вашата доверба да бидам меѓу вас прв меѓу еднаквите во извршувањето на најодговорната задача, да управувам со најградскиот град во Македонија, порача вечерва кандидатот за градоначалник на општина Битола од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски.
Истакна дека ова се едни од најважните избори во историјата на Македонија.
-На локалните избори на 15 октомври ќе гласате истовремено и за иднината на нашата држава, Република Македонија која денес поминува низ еден од поголемите предизвици во својата понова независна историја. Битола е град со висока европска гласачка култура, изразен комсполитски дух и висок демократски капацитет, посочи Илиоски.
Потенцира дека Битола го гледа како град на млади луѓе кои се убедени оти токму таму ќе ја градат својата иднина.
-Битола заслужува да биде град со сите урбани обележја во кој жителите нема да се грижат за кал и дупки на улиците, чиста и безбедна вода за пиење, соодветно депониран смет. Широксока заслужува да биде посакувана дестинација на патници и туристи на кои треба да им покажеме што имала, што сочувала, но и што направила Битола. Битола мора да биде град на сите, нагласи Илиоски.
Вели дека Битола мора да биде град на среќни и безгрижни деца, со убави градинки, училишта, паркови, спортски игралишта и терени.
-Битолчани мора да живеат во здрава и безбедна животна средина, квалитетен воздух, вода и почва со многу зеленило. Градоначалникот не треба да биде власт, туку управител со домаќинството на општината, во ваше име, во име на граѓаните. Тука е најважна довербата, а доверба се стекнува со транспарентност, истакна Илиоски.
Нагласи дека иднината на Битола и на Република Македонија зависи само од работа.
-Не од манипулации, ветувања и интриги. Така ќе биде и овој пат, јас и како човек не знам и не сакам да се борам поинку. Чесната работа ме крепела и ме потврдувала и досега и така и ќе остане, рече Илиоски.
Кандидатот за градоначалник потенцира во програмата немаат ветувања, туку конкретни проекти со рокови и предвиден буџет.
-Во нашиот фокус се првенствено младите луѓе кои ќе ги задржиме во Битола со обезбедување работа, пристоен дом и квалитетни услови за живот. Досега се покажа дека невработеноста се намалува преку директни домашни и странски инвестиции, затоа инвестициите во индустриската зона Жабени ќе бидат главниот мотор за локален економски развој на Битола, потенцира Илиоски.
Според него, поранешната битолска касарна ќе доживее градежна експанзија, а предвидено е донесување на генерален урбанистички план.
-Во идниот мандат, наместо нови населби за мигранти ќе создадеме услови за нови евтини куќи за нашите деца. Ќе направиме и целосна промена на сообраќајниот режим, ќе воведеме еднонасочни улици во центарот на градот, ќе изградиме нови три кружни тека, три нови велосипедски патеки, истакна Илиоски.
Посочи дека ќе бидат насадени нови 10.000 садници дрвја.
Додаде дека нема да се откаже од проектите за гасификација и топлификација на Битола.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа