Трајковски: Ќе реализирам проекти во сите села во делчевската општина
Проекти за секое село во делчевската општина најави денеска на прес-конференција кандидатот за градоначалник на Делчево од СДСМ, Горан Трајковски.
-Во Ѕвегор најавувам решавање на проблемот со водоснабдувањето, изградба на тротоари по целата должина на магистралниот пат, чистење ендеци и изградба на детско игралиште. Во Габрово ќе се доврши канализацијата, ќе се изградат улици, а ќе се чистат и каналите и ендеците, истакна Трајковски.
Тој додаде дека во неговата програма има проекти и за селото Град каде е предвидено уредување на архиолошкиот локалитет Тврдина, а во селото Стамер покрај изградбата на канализација, ќе се уреди и ќе се постават инфотабли за палеонтолошкиот локалитет и реконструкција на спомен-домот Разловечко востание во село Разловци.
Нагласи дека ќе се решат актуелните инфраструктурни проблеми и проблемот со дивите депонии и отпадот, како и дека ќе се изврши чистење на ендеците и решавање на проблемот со јавното осветлување и во селата Очипала, Илиово, Бигла, Драмче.
Реализацијата на овие проекти во делчевските села ќе биде со поддршка на Владата, а целта, како што рече Трајковски, е подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани на општина Делчево.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа