Јованоски: Ќе градиме регионална депонија, компостара и ќе набавиме нова опрема за комуналниот смет
Новата локална власт во Прилеп ќе гради регионална депонија за целосно да се реши проблемот со депонирањето на сметот, изјави денеска кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата Илија Јованоски, на прес конференција пред депонијата кај Алинци.
- Досегашната локална власт на Марјан Ристески од ВМРО-ДПМНЕ ја спречија изградбата на регионална депонија, проект на СДСМ вреден 22 милиони евра и најавија изградба на локална депонија. Но, и по 12 години, овде, кај Алинци, прилепско, се наоѓа истата депонија, која што е извор на зараза. Досега не се водеше сметка за парите на граѓаните и, наместо да се изгради компостара која се ветуваше со години, во терминалот шест години лежи, рѓосува, линијата за секундарна селекција на отпадот. А, примарната селекција не е завршена, зашто не се набавени нови канти за отпад. Ние како нова локална власт, ќе изградиме современа депонија согласно сите европските еколошки стандарди, рече Јованоски.
Новата локална власт, вети Јованоски, ќе изгради фабрика за рециклирање на неоргански отпад.
- Освен тоа, оодветно ќе биде складиран органскиот отпад, што вклучува цевководен систем за одведување генериран метан. Во втората фаза генерираниот метан, поточно биогасот, ќе се компримира и ќе се користи за минипроизводство на електрична енергија во нашата локална средина. Ова значи заштеда за општината и повеќе пари за сите граѓани, вети Јованоски увеувајќи дека отпадот како суровина ќе се искористи.
Новата локална власт навремено и совесно ќе ги расчисти сите диви депонии и ќе се набави нова опрема за комуналниот отпад.
- Ќе набавиме нови возила за собирање на сметот и за метење на градските улици и ќе поставиме подземни контејнери во централното градско подрачје за елиминација на конвеционалните контејнери, од кои се шири голема нечистотија и непријатен мирис. Чистата животна средина е наш императив, рече Јованоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа