Само 20 кандидати за градоначалници од скопскиот регион ја потпишаа Јавната заложба за заштита на жените
Само 20 од вкупно 62 кандидати за градоначалници од скопскиот регион за локалните избори денеска ја потпишаа Јавната заложба за унапредување на заштитата на жените и децата жртви на различни форми на насилство, вклучително и семејно насилство.
Иницијативата дојде од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и здружението на еднородителски семејства „Една може“.
Според Елена Димушевска од Националната мрежа, Македонија е земја со голема стапка на семејно насилство каде на годишно ниво има илјада до илјада и двесте нови случаи, додека само во изминатите шест години има 20 убиства на жени од интимен партнер за кои е известено во медиумите и бројката веруваме е многу поголема.
- Состојбата со сервисите на жени жртви на насилство во Македонија е многу загрижувачка. На национално ниво има четири шелтери со капацитет од 30 кревети, дополнително само еден центар за советување и еден кризен центар во Скопје и неколку центри за бесплатна правна помош. Со заложбата бараме минимум пакет на специјализирани сервиси за жени и деца жртви на различни форми на насилство во секој плански регион, рече Димушевска.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски, ја поздрави иницијативата и рече дека ќе сите нивни кандидати ја поддржат и пакет мерките ќе бидат дел од буџетите и плановите за работа во идниот мандат.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ Петре Шилегов, по потпишувањето на заложбата рече дека, силно ја поддржуваат акцијата и посочи дека со програмата предвидуваат изградба на најмалку два такви центри.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа