Јовановски: СДСМ во континуитет врши грубо кршење на изборниот законик
Заев, Спасовски и Шекеринска ја окупираа државата. Законите не важат подеднакво за сите. Во континуитет се врши грубо кршење на изборниот законик и на изборните процедури, а Државната изборна комисија под партиска испостава на СДС и Зоран Заев праќа блед апел до политичките партии да престанат со инцинденти и насилство, истакна Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ
-Господине Чичаковски, овој апел треба да го пратиш токму до твојот партиски шеф Заев и до Социјалдемократскиот сојуз, бидејќи токму тие се виновници за инцидентите и насилствата кои што се случуваат откако СДС е на власт. Чичаковски, државната изборна комисија е независен орган кој има функција да спроведува фер, слободни и демократски избори. ДИК мора да вложува напори за да се одржува непристрасност, одговорност и професионалност во работењето, вели Јовановски.
Тој посочува дека ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се престане да се прикажува лажна загриженост од страна на Чичаковски и да се бараат неотповикливи оставки од претседателот на ОИК Марија Петковска од Кратово, која беше во првите редови на конвенцијата за промоција на кандидатот за градоначалник на СДС од Кратово и претседателот на ОИК од Кисела Вода, Томо Мојсовски, кој беше фотографиран и објавени во медиумите како врши партиски активности за СДС во Кавадарци.
-Претседателите на ОИК се бираат од редот на службеници на државната администрација, под претпоставка дека ќе бидат независни и непристрасни во своите активности за време на изборниот процес.Значи луѓето кои треба непристрасно да организираат избори всушност се партиски војници на СДС. Со ваквите скандали владата на СДС и Зоран Заев го крши изборниот законик и процедури, а со тоа придонесуваат кон нефер и недемократски избори. Ова беззаконие мора да престане. Ова дрско мешање на партијата и државата мора веднаш да се санкционира. Во Република Македонија, законите мора да важат подеднакво за сите, без разлика за кого се работи. Чичаковски не смее да си дозволи Државната изборна комисија да ја става во функција на СДС, Заев, Спасовски, Шекеринска, посочува Јовановски.
Тој вели дека одговорност за сите незаконски постапки ќе има, со враќањето на демократијата и правната држава во Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа