Предизборни коалиции: Заев ги повика чаирчани да гласаат за ДУИ

 

СДСМ и ДУИ ја официјализираа предизборната коалиција во сите средини каде што партиите оценија дека едната од нив, нема шанси за победа. Па така, СДСМ е без свој кандидат во Чаир, Тетово, Гостивар и Кичево а во замена за тоа, очекува поддршка од ДУИ во Скопје и Куманово. Лидерот на ДУИ веќе ги повика партиските членови да гласаат за Петре Шилегов во Скопје, а вчера, Заев ги повика членовите на СДСМ да го поддржат Висар Ганиу во Чаир.

Овие локални избори можеби имаат монотна кампања, но распоредот на силите на терен и предизборните коалиции ги прават различни од претходните. Албанските политички партии настапуваат заеднички во повеќе општини каде што доминираат граѓани од македонско етничко потекло. ДУИ, БЕСА и партиите од Алијансата на Села заеднички ќе бараат глас повеќе во Охрид и Гази Баба. За разлика од албанските партии, македонските не можат да најдат заеднички јазик дури и во општини каде што реално постојат шанси македонска партија да го добие градоначалничкиот мандат, како на пример Кичево. Во оваа општина СДСМ ги повикува своите кандидати да гласаат за Фатмир Дехари од ДУИ согласно коалицискиот договор.

ВМРО-ДПМНЕ нема никаква предизборна коалиција до овој момент, барем не официјално иако повеќе медиуми пишуваат дека партијата има договор со БЕСА за поддршка во вториот круг.
Овие информации вчера беа демантирани од двете партии.

„БЕСА оди на избори без договор со ниту една партија. На централно и на локално ниво, имаме соработка со некои партии на Aлбанците. БЕСА е антоним на криминалот и корупцијата. Криминалот не го амнестираме, а СДСМ сака да ги сокрие очите на јавноста клеветејќи ги другите за да го амнестира ДУИ. Со БЕСА, за прв пат имаме еден политички субјект кој е со Aлбанците и кој има своја изградена визија. Ги сожалуваме клеветниците кои ја гледаат Македонија црно-бело, поделена меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.“ – велат од БЕСА за Телма.

Сличен став и во ВМРО-ДПМНЕ

„ВМРО ДПМНЕ смета на гласовите на сите граѓани без разлика на етничката припадност. Убедени сме дека тие ќе ја препознаат Новата ера од која што придобивки ќе имаат сите. Тие знаат дека се што ВМРО ДПМНЕ ќе вети, тоа го реализира. Затоа во моментов нема преговори околу некакво коалицирање или поддршка.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ за телевизијата.

 

 

 

04.10.2017 - 11:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега