Митевски: За 8 години влегоа 130 инвеститори во Петровец, следуваат нови вработувања
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Петровец, Борче Митевски, кој зад себе веќе има два мандати, во телевизиско интервју за Алфа говори за досега спроведеното и за новата програма.
Потсетува дека беа изградени ново училиште и нова градинка со што во целост е решен проблемот со сместувачките капацитети. Доколку се појави потреба од дополнително сместување во градинка, вели Митевски, ќе биде изградена уште една нова градинка.
Еден од најголемите успеси е привлекувањето на странски инвеститори и отворањето на нови работни места.
-Кога се кандидирав за прв пат да бидам градоначалник, ние немавме ниту еден странски инвеститор. Општина Петровец беше извикана и ги имавме само Радомак и Битолска млекара. Бевме на дното, а сега општин Петровец е меѓу водечките во привлекувањето на инвеститори, заедно со општина Илинден. За 8 години во Петровец влегоа 130 инвеститори. Меѓу нив имаме инвестиции од Белгија, Австрија, Турција, Словенија, Италија, но најмногу се македонски инвеститори, рече Митевски.
Тој истакна дека и допрва следуваат нови вработувања, во странските и домашни компании кои во моментов градат или ќе започнат да градат во Петровец.
-Ќојлоја е целосно распродадена, со претходната влада направивме пренамена на 30 нови хектари што значи сега зоната ќе биде 230 хектари. Во зоната во Ржаничино имаме 17 влезени инвеститори кои веќе градат или ќе почнат да градат. Имаме и друга зона од 10 хектари, а 4 парцели се веќе продадени. Ќе бидат изградени вкупно три хотели во близина на Аеродромот. Еден хотел кој се вика „Александар Велики“ веќе интензивно се гради во близина на аеродромот. Го гради македонски иселеник кој рече дека за година-две веќе ќе биде изграден, истакна кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Петровец.
Многу важни проекти за сограѓаните има опфатено во новата програма. Ќе се гради целосно нова инфраструктуртра во сите населени места, водовод, канализациона мрежа. Ќе се гради Културен дом во Петровец, така ќе се развива културата. Ќе има сала за венчавки, место за собирање на пензионерите.
Вели дека 8 години работел за секој еден жител на општината.
-Како градоначалник никогаш не направив разлика дали жителите ми се Македонци, Албанци, Турци, Роми. Сега отворав штаб во Средно Коњари каде има 100% муслиманско население. Бев топло пречекан, отидов со крената глава. Таму направив темелна реконструкција на училиште, изградив водовод, 8 улици, детски забавен парк, фудбалско игралиште, мал фудбалски терен. Се што побараа жителите од Средно Коњари тоа и го добија и тие тоа го ценат. И на другите населени места каде има најмногу граѓани од други националности им ги исполнив сите барања. Соживотот е на високо ниво, а дополнително го развивав преку спортските клубови, фолклорните друштва, рече Митевски.
Тој е и еден од првите градоначалници кои започнаа да приредуваат Ифтар вечери за населението од муслиманска вероисповед.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа