Заев: Со човечка сплотеност и единство ќе се врати животот во Пехчево
Само со човечка сплотеност и единство може да се променат работите во Пехчево, и во Пехчево да се врати животот, истакна вечерва на предизборниот митинг од оваа малешевска општина претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
- Пехчево должи повеќе од еден милион евра и е срам и понижување за целиот регион. Но, нема нешто што не можеме да го промениме кон подобро, со човечка сила, сплотеност и единствено, Пехчево може повторно да го направиме да блеска, онака како што го знаеме, со џагорот на среќата, со градењето на пријателствата, дружбата меѓу луѓето, но, за жал тоа сето е изгубено, истакна Заев.
Тој ги потенцираше мерките преземени од Владата кои носат повеќе пари кај граѓаните и најавуваат подобар живот за сите граѓани, како и мерките за поддршка на стопанството.
Кандидатот за градоначалник на Пехчево од СДСМ, Драган Тренчовски, денеска вети пред граѓаните дека Пехчево ќе се гради плански. - Ќе градиме локални и регионални патишта, ќе го решиме долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, ќе обезбедиме приклучоци до сите домаќинства на реконструираната водоводна мрежа, со што ќе се подобри квалитетот на водата за пиење.
- Почитувани граѓани, пред десетина месеци вие со пенкало и глас, на демократски и достоинствен начин, ставивте крај на десетгодишното владеење на една недемократска власт и со тоа ги донесовте демократските промени во Македонија. Пред нас е нов предизвик. На претстојните локални избори, со заокружување на бројот 19 ќе придонесете кон промените во нашата општина, истакна Тренчовски.
На вечерашниот митинг во Пехчево беа претставени и кандидатите за членови на општинскиот Совет, а пред присутните свое обраќање имаше и Николчо Јовчев, носител на листата на советници од СДСМ и коалицијата.
Премиерот Заев пред почетокот на митингот во Пехчево имаше средба со граѓани во центарот на градот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа