Муцунски на Советот за човекови права: Потребно е итно справување со нетолеранцијата и дискриминацијата

 


Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска во Женева учествуваше и се обрати на Сегментот на високо ниво на 58-та сесија на Советот за човекови права на ОН.

Муцунски истакна дека заштитата и промоцијата на човековите права, како и јакнењето на мултилатералната соработка, се темел на нашата надворешна политика.

Како член на Советот, остануваме посветени на одбраната на човековите права и соодветното справување со нивните нарушувања, без разлика каде се случуваат, рече Муцунски.

Муцунски потенцираше дека почитувањето на демократските принципи, човечкото достоинство и владеењето на правото се универзални вредности што мора да бидат заштитени.

Истовремено, министерот ја нагласи итната потреба од справување со растечката нетолеранција и дискриминација, кои доведуваат до сериозни прекршувања на човековите права и слободи.

„Советот за човекови права останува клучен форум за нивна заштита и промоција на глобално ниво. Ќе продолжиме да бидеме активен чинител во справувањето со глобалните предизвици во оваа област, посветени на континуирана соработка со механизмите и телата на Обединетите нации“, потенцираше Муцунски.

24.02.2025 - 13:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега