Мицкоски: Делницата Градско - Дреново означува нов почеток на развојот на Централна и Југозападна Македонија
Пуштена е во употреба делницата Градско - Дреново, дел од експресниот пат Градско - Фариш, во должина од 15,5 километри. Вредноста на проектот е 37.500.000 евра, од кои 26.700.000 евра се обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра од Буџетот. Ширината на коловозот е 12.40 метри, има три клучки, кај Градско, Росоман и Дреново.
Според премиерот Христијан Мицкоски, оваа делница означува нов почеток на развојот на Централна и Југозападна Македонија, поврзувајќи ги Прилеп, Битола и Пелагонија.
- Коридорите 8 и 10 како и 10 д се стратешки за Македонија, правејќи ја крстосница на Балканот и заради тоа имаме силен фокус да ги модернизираме, на ниво, со што ќе дадеме регионален придонес во инфраструктурното поврзување, истакна Мицкоски.
Посочи дека при крај е и втората фаза Дреново - Фариш до Прилеп, а интензивно се работи и на проектот за изградба на автопатот Прилеп-Битола од околу 40 километри.
- Тој би се завршил во 2027 година. Тоа време се очекува да се заврши и изградбата на автопатот Гостивар Букојчани Кичево, при што интензивно ќе се работи и на патот Тетово - Гостивар, што ќе прерасне во автопат. Сакам да објавам дека наредната 2026 година очекувам да се заврши со градба и на автопатот Кичево - Охрид, што целосно беше во застој поради блокадите од претходата влада, нагласи премиерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа