Лекари од Бугарија раскажаа за хоророт во Кочани: Тоа што го видовме не се заборава
Лекарите од Бугарија, каде беа транспортирани дел од повредените од страшниот пожар во Кочани во дискотеката Пулс, во кој загинаа 59 лица, раскажаа што ги дочекало и што виделе таму.
Тања Алекова и Румен Гоцев, доктори во итната помош во Софија, заедно со полициска придружба тргнале во Кочани, а она што таму го виделе уште не им излегува од глава, иако со години ја работат таа професија.
- Се уште не можеме да го заборавиме она што го видовме таму. Ова не е нешто што човек лесно може да го заборави. Ќе треба да помине време. Постојано го сонувам. Ме погоди тишината во Скопје. Како да се случила апокалипса. На улиците немаше луѓе, вели д-р Тања Алекова.
- Тоа е нешто што не може човек да го заборави. Единствено времето лекува, но ќе треба да помине доста време, вели и д-р Румен Гоцев.
Докторката помагала да се спаси девојче од 16 години.
- „Имаше тешки изгореници на лицето и горните екстремитети. Беше збунета, но на моменти се обидуваше да зборува и прашуваше како се нејзините пријатели кои беа со неа. Прашуваше и што се случило со останатите. Беше во многу тешка состојба. Првата помош доста добро се погрижила за неа. Тоа ми остави голем впечаток, вели д-р Тања Алекова.
Втората екипа пак требала да обезбеди успешен транспорт на еден поврден пациент во болницата во Пловдив кој бил во шок.
- Разговорот беше многу тежок. Не му вршев притисок, го ставив да го преживее самиот настан. Колку може повеќе да се ослободи. Многу е важно, бидејќи човек тоа постојано го преживува. Тој беше во стабилна состојба додека патувавме кон Пловдив, изјави д-р Румен Гоцев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа