ДУИ: Нема да молчиме - Ова е политички прогон, а не истрага

 

 

Секој ден, сѐ поголем е бројот на експерти, професионалци, граѓани кои гледаат и јасно предочуваат што се случува: ова е политички прогон, а не истрага. Ова денеска го велат ДУИ во соопштение за јавноста кое ви го пренесуваме во целост:

Наместо да се соочи со прашањето како објектот работел цела година со фалсификувана лиценца, преполн со малолетници, со пиротехника и без дозвола, власта апси поранешен министер – кој одамна нема надлежност – само затоа што не е „нивни“. 

Во држава каде што целото општество е во тага, Премиерот на јавна сцена демонстрира вулгарни закани, влечење за уши и нарачува апсења пред камера. Не за да донесе правда – туку за да ја прикрие вистината. 

Не за да ѝ помогне на истрагата за тоа кој дозволил, туку за тој лично да ја води истрагата, но по политичка линија. 

А сѐ појасно станува дека под површината – сите институции молчеле цела година, иако знаеле што се случува. 

Клубот бил синоним за „заштитен простор“ на локалната политичка и бизнис елита. 

Градоначалници, инспектори, командири и пратеници – сите биле таму. 

Сите знаеле. И сите молчеле. 

Јавноста со право бара одговор на логичните прашања: 

Кој тоа дозволи клубот незаконски да работи веќе цела година по сите основи: со блокирана сметка, без да издава фискални сметки, пломбиран или не од УЈП сѐ уште не ни е јасно, секако без никаква легална дозвола, дури и со истечена фалсификувана лиценца. 

Кој тоа цела година упорно не можел да види редовна употреба на пиротехничките средства што ја има на сите социјални мрежи? 

И како тоа никој не ја виде големината на кобниот настан што не само целиот град, туку и целиот регион знаеше? 

Кој тоа цела година толерирал објектот да се преполнува над дозволеното, исто како и кобната вечер, дури и со малолетни деца, директно ставајќи ги под ризик граѓаните кои го посетувале објектот? 

И на крајот, има ли некој во оваа Влада минимум личен кредибилитет, да побара, или да поднесе политичка одговорност? 
Има ли барем од еден од ние кои се на функција веќе една година со таква доблест? 

Вие може да се заканувате, но ние нема да молчиме. Ќе соработуваме со секоја објективна и независна истрага, но нема да престанеме да бараме јасни одговори на очигледните прашања и да замолчиме пред политичкиот прогон.

 

25.03.2025 - 10:23

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега