Дурмиши: Ќе има и велигденска и рамазанска потрошувачка кошничка, заштедата по семејство е 1 300 денари

 

Министерот за економија Бесар Дурмиши најавува дека Владата ќе продолжи со т.н. потрошувачки кошнички и за време на други празници, како Велигден и Рамазан. Тоа значи дека со интервенција од извршната власт, ќе продолжи привременото ограничување на маржата на одредени групи на производи. 

Какво фајде имаат граѓаните од тоа? Според одговорот на министерот во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“, околу 1 300 денари заштеда по семејство.

„Според податоците што ги имавме од есенската кошница каде ги замрзнувавме цените на 10% на трговија на мало и на големо, таму беа опфатени околу 73 одредени групи на производи, таа мерка ги даде своите резултати. Цените беа намалени, заштедата за едно четиричлено семејство за еден месец доаѓаше околу 1 300 денари. Тоа го покажаа и синдикатите со својата синдикална кошница каде само во тој временски период кога беше во сила таа мерка, трошоците за храна и пијалаци кај семејствата беа намалени за 965 денари. Значи, ако ја земеме предвид таа мерка која имаше 73 групи на производи, нормално дека оваа мерка која поминува над 1 000 производи, дадени од 95 компании, ќе има големи резултати“, вели Бесар Дурмиши за „Радио Слободна Европа“.

Дурмиши вели дека потрошувачките кошнички ќе продолжат, независно што на сила веќе стапи Законот за нефер трговски практики, кој ќе го ограничи рабатот. Тој закон, во моментов, е во преодна фаза. Стапен е на сила, но државата не казнува туку само изрекува опомени.

22.12.2024 - 10:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега