ДУИ: Од 35 приведени, само двајца се актуелни функциони - ова е селективна правда

 

Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува најискрено сочувство до семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани и ја споделува тагата со сите граѓани погодени од оваа несреќа.

Во врска со одлуката на Јавното обвинителство за 30-дневен притвор на поранешниот министер Крешник Бектеши и други претставници на претходната влада, ДУИ сака да појасни неколку клучни аспекти пред јавноста, стои во реакцијата на ДУИ испратена попладнево до медиумите.

„Прво, концептот на „верижни пропусти“ што довеле до трагедијата не постои во терминологијата на кривичниот законик. Секоја лиценца за вакви објекти се обновува на годишно ниво, земајќи ги предвид специфичните услови за таа година. Затоа, неточно е да се тврди дека постои континуирана одговорност без прекин низ годините.

Второ, и најважно, во ноќта на трагедијата, клубот работел без никаква лиценца: веќе една година немал легитимна лиценца, а дури и фалсификуваната веќе била истечена. Ова подразбира дека главната одговорност лежи кај оние кои требало да го спречат функционирањето на ноќен клуб без лиценца таа кобна ноќ.

Потребна е длабинска и непристрасна истрага за да се утврди како објект без лиценца можел да работи и да ги загрози животите на стотици млади луѓе.

Трето, треба да се истакне дека издадените лиценци во минатото биле за кабаре, кое има специфични критериуми и ограничувања во бројот на дозволени лица. Ноќен клуб е сосема поинаква категорија, и присуството на над 650 млади луѓе во таков простор е надвор од секој безбедносен стандард, што, пак, јасно упатува на свесна или несвесна негрижа изминатава година, од страна на бројни актуелни државни органи.

ДУИ ја изразува својата загриженост за неприфатливата супремација на владата врз обвинителството, што ја наруши довербата во истражниот процес.

Фактот дека од 35-те приведени лица, само 1 или 2 се актуелни функционери, отвора сомнежи за селективна правда. Бараме правните процеси да бидат праведни, транспарентни и засновани на закон, без влијание од терминологија која не постои правната терминологија и кривичниот законик. Во ова време на жалост, ДУИ не сака да влегува во обвинувања, туку има за цел да им објасни на граѓаните дека овој процес е неоснован, политички мотивиран и селективен, што може дополнително да ја комплицира и влоши ситуацијата. Стоиме покрај граѓаните и погодените семејства, барајќи правда и транспарентност во расветлувањето на оваа трагедија“, стои во реакцијата на ДУИ.

21.03.2025 - 18:32

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега