ДУИ ги образложи интерпелациите: Тошковски не дозволи мирна и традиционална прослава на албанското знаме
Пратеничката од Европскиот фронт, Рина Ајдари на прес-конференција во Собранието ги образложи интерпелациите кои денеска ќе се најдат пред пратениците.
Рече дека вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити не ги заштитил албанските интереси. Поради тоа треба да си поднесе оставка.
Образложувајќи ги интерпелациите за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и неговиот заменик, Астрит Исени рече дека тие спречиле „мирна и традиционална прослава на денот на албанското знаме“.
-Не успеаја да обезбедат мирна и безбедна прослава за сите граѓани, особено за албанската заедница. Еден од најважните настани што го одбележа овој неуспех беше начинот на кој постапуваше полицијата за време на славењето на денот на албанското знаме кадешто органите на редот интервенираа на невиден и неоправдан начин спречувајќи мирна и традиционална прослава на Албанците која секогаш се развивала во празнична атмосфера во сите градови во коишто живеат Албанци, рече Ајдари.
Вели, оваа интервенција предизвикала непотребни тензии и ја поткопала атмосферата на меѓуетнички соживот.
-Полицијата наместо да го одржува јавниот ред и да држи неутрален став, поттикна конфронтации и ескалација на тензиите. Ова е доказ за неуспехот на министерот и заменик министерот да ја менаџираат ситуацијата и да ги гарантираат слободите и основните права на граѓаните кои организираа мирни демонстрации, рече Ајдари.
Според неа, полициски службеници ги пречекориле своите овластувања.
-Дури и припадниците на полицијата на Куманово ги пречекорија своите овластувања со сквернавењето на „државното“ знаме фрлајќи го на земја, рече Ајдари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа