Нова населба во Штип: Предвидено е да бидат продадени околу 100 парцели
Продадени се десет плацеви за изградба на куќи веднаш до населбата Три Чешми во Штип. Интересот од страна на граѓаните е задоволителен, изјави денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Тој истакна дека поради интересот на граѓаните да инвестираат во изградба на куќи во наредниот период согласно Деталниот урбанистички план (ДУП) ќе биде распишен нов повик за отуѓување на нови парцели, а предвидено е да бидат продадени околу 100 парцели и на оваа локација и да има нова зона, населба во која граѓаните ќе може да живеат.
-Предвидената нова зона за домување веднаш до населбата Три Чешми веќе пробно пуштивме повик за отуѓување на 10 плацеви за индивидуален дом, за куќи. Истите беа откупени, интересот дефинитивно е присутен. Во периодот кој следи согласно ДУП на оваа локација се предвидени стотина парцели, маркици за индивидуално домување. Во наредниот период Општина Штип ќе распише нов повик за отуѓување на плацеви за индивидуално домување. Верувам дека интересот кај граѓаните на Штип, но и кај сите граѓани од околните населени места ќе биде задоволителен за истите да се отуѓат и за да на оваа локација се создаде една урбанизирана населба, изјави Јорданов.
Општина Штип во меѓувреме има обврска да го уреди просторот. Во периодот кој следи просторот ќе биде уреден, ќе бидат изградени нови улици, ќе се гради и водоводна и канализациона мрежа, а новата населба ќе биде и осветлена.
-Општина Штип освен повикот за отуѓување има обврска инфраструктурно да го уреди целиот тој потег со основен степен на уреденост со изградба на улици, на подземна инфраструктура, водовод, канализација и осветлување на самата локација, вели Јорданов.
Освен новата зона во Три Чешми, нова населба во Штип ќе има и на просторот меѓу населбите Сењак 4 и Баби. На ваков начин граѓаните имаат можност да го решат своето станбено прашање, да создадат свој дом, а градот да се развива и урбанизира.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа