Tрамп до светските компании: Произведувајте во САД или ќе се соочите со царини

 

Доналд Трамп порача до компаниите во светот дека ако не произведуваат во САД, ќе се соочат со царини во вредност од „билиони долари“.

Тоа би значело воведување на универзални тарифи, од кои многумина стравуваат, а кои би влијаеле на целиот свет.

„САД ќе бидат светска престолнина на вештачката интелигенција и криптовалутите… Дојдете и правете ги вашите производи во Америка, но ако не, тоа е ваша одлука. Но, многу едноставно, ќе плаќате тарифи во различни износи, што ќе насочи стотици милијарди, дури и биллиони долари во нашата каса“, рече Трамп во обраќањето во Давос.

„Ја сакам Европа, но таа се однесува многу неправедно со Америка“

Трамп упати и критики до Европската Унија.

Рече дека царините и даноците во европските земји се превисоки, нивните регулативи се рестриктивни, трговскиот дефицит со САД е преголем и дека тужбите против американските компании како Гугл се неправедни.

„Планираме да направиме нешто околу тоа. Се обидувам да бидам конструктивен бидејќи ја сакам Европа. Ги сакам европските земји, но процесот е многу комплициран и тие се однесуваат кон САД многу, многу неправедно“, рече Трамп.

„Сè што сакаме од Кина е праведност“

Трамп беше прашан за односите меѓу САД и Кина.

„Сè што сакаме е праведност“, рече тој. „Ние само сакаме еднакви услови за игра“, додаде.

Трамп, исто така, рече дека се надева оти Кина може да им помогне на САД да ја прекинат војната меѓу Русија и Украина.

„Тие имаат големо влијание врз оваа ситуација“, рече тој.

Додаде дека сака да работи со Кина за денуклеаризација, истакнувајќи дека другите светски лидери, вклучително и рускиот претседател Владимир Путин, ќе ја поддржат идејата.

23.01.2025 - 18:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега