Студентски дом во Љубљана во пламен: Студенти скокаат од прозорци - внатре имало 363 лица
Во пожар што избувна во студентски дом во Љубљана во раните утрински часови се повредени 11 лица, од кои тројца се тешко повредени. Според првичните информации, пожарот избувнал во една од собите на првиот кат од студентскиот дом на улицата Пољанска, од каде брзо се проширил низ целата зграда.
Пожарникарите успеале да го изгаснат пожарот, а сите лица од овој објект (363) биле евакуирани.
Според известувањето на Радио телевизија Словенија, алармот за пожар не се вклучил, но обезбедувањето гласно ги предупредило учениците дека има пожар.
Бегајќи од пожарот, учениците скокнале од прозорците, јавува N1 Словенија.
Универзитетскиот клинички центар во Љубљана (УКЦ) соопшти дека три лица се тешко повредени. Едно лице има тешки изгореници, додека две лица ќе бидат оперирани во трауматолошкиот центар поради скршеници на кичмата и скочниот зглоб.
Четири повредени лица се примени на интерната итна медицинска помош поради труење со јаглерод моноксид. Нивната состојба е стабилна и без компликации, додаваат од УКЦ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа