Сиљановска Давкова: Еднаквост и недискриминација, секој е еднаков пред законот
Жени и девојки со попреченост се соочуваат со повеќекратна дискриминација, а државите мора да ги преземат сите соодветни мерки за да обезбедат дека тие можат целосно да ги уживаат правата и слободите утврдени во Конвенцијата, нагласи претседателката Гордана Сиљановска Давкова во своето обраќање на националната конференција „Заедно сме посилни“ што денеска во Велес ја организираше Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености.
-Односот кон лицата со попреченост е од високо приоритетните прашања во рамките на мојот претседателски мандат. И како претседателка и како професорка и како жена за мене оваа прашање е важно и како мајка и сопруга и како пријател. Мојот ангажман во пошироката политичка смисла е да ја развивам државата, да делувам просветителски, да имаме држава во која сите лица со попреченост ќе учествуваат како еднакви граѓани, тоа е мојата држава, потенцира Сиљановска Давкова.
Таа посочи дека се обидува да работи на подигнување на јавната свест за предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост, а во односите со Владата и политичката агенда, како што рече, го поставува прашањето за лицата со попреченост и тоа го истакнува во сите нејзини јавни настапи.
-Воедно ја активирам Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп на локално ниво и мислам дека токму вклученоста на локалните власти ќе биде еден од клучевите да се стигне до успехот, потенцира Сиљановска Давкова.
Нагласи дека дава поддршка за адаптација на јавните простори што вклучува активно лобирање за инвестиции во инфраструктурата која ги исполнува стандардите за пристапност како рампи, лифтови, прилагодливи јавни тоалети и внимание за лицата со физички попречености. Исто така, и организирање на јавни кампањи против стигмата и предрасудите кон лицата со посебни потреби, кои ќе промовираат еднаквост, солидарност и почитување на нивните права.
Најави дека е потребно да се формира Претседателски центар за следење на активности за подобрување на правата на лицата со посебни потреби, како и континуирана комуникација и соработка со социјалните и здравствените институции. Воедно информира дека е добро запознаена со делувањето на повеќе невладини организации и оти искрено се надева дека нивните апели, предлози и иницијативи ќе добијат соодветен одговор од власта.
-Тие заслужуваат одговор. Некои работи навистина недозволиво одат бавно и еве на пример не смееме да дозволиме во 21. век одењето по тротоар да биде невозможна мисија затоа што тој простор е окупиран од возила, нагласи претседателката Сиљановска Давкова.
Таа го пофали велешкото Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености за сите активности, а посебно за реализација на проектот за социјалната услуга - живеење со поддршка и социјалната сервисна услуга - помош и нега во домот. Претседателката Сиљановска Давкова потенцира дека тоа е еден од начините како се создава општество со еднакви можности за сите.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со конференцијата, претседателката потенцира дека на секоја средба е многу важно да се дојде до нови сознанија и дека треба да се чујат оние кои се соочуваат со проблемот, за да ги разбереме.
-Ако забележавте и сите кои работат со нив, без оглед дали се координаторки или негувателки, велат дека е најдобро да ги прашаме. Мислам дека е крајно време, навистина крајно, да се замислиме дали сите луѓе и оние се ретки болести, со церебрална парализа, дали навистина се рамноправни со сите нас, бидејќи тие исто така имаат право на еднаквост, право на живот. Значи убава е пораката „Заедно можеме да станеме луѓе“. Затоа не случајно останав до крајот на оваа конференција за да ги слушнам излагањата на овие наши сограѓани. За мене најинспиративни беа нивните искази за асистентите, бидејќи се покажа дека тие се нивните најголеми пријатели. Асистентите се тие на кои им ја даруваат успешноста на животот. Затоа нека го разбудат асистентот во секој од нас и сите ние треба да бидеме асистенти на било кој начин да им помагаме, порача претседателката Сиљановска Давкова.
На денешната конференција за своите способности и достигнувања како жени и девојки со попреченост преку панел дискусија говореа Роза Мојсовска, ликовен уметник, Беира Салифоска, специјален едукатор и рехабилитатор, физиотерапевт и Валентина Тасева од здружението Порака од Неготино, специјален едукатор и рехабилитатор, како и Далиборка Златева од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености.
На конференцијата на штандови беа презентирани ракотворби, уметнички и литературни дела и производи од жени и девојки со попреченост.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа