Левица: Промената на грбот е удар врз АСНОМ
Најавената промена на државниот грб Левица го оценува како директен удар врз АСНОМ, како конститутивен елемент на македонската република. На наследниците на Ванчо Михајлов и на следбениците на Џемо Хаса им предочуваме да не си играат со државните инсигнии, затоа што инстантно ќе го добијат народниот гнев на улица, велат од Левица.
„Со отворањето на темата за промена на државниот грб, премиерот Мицкоски ја отвори Пандорина кутија, којашто единствено оди во прилог на балистичките апетити на партиите од т.н. албански блок, коишто инстантно побараа промени на сите останати инсигнии.
Мицкоски отворено го промовира својот ванчо-михајловистички континуитет, каде основен постулат е бришење на симболиката што потсетува на антифашистичкото минато, народно-ослободителната борба и АСНОМ, кои се темелот врз којшто е создадена Македонија. Ова само се надоврзува на анти-асномските политики на ДПМНЕ, кои во 2009 година ја тргнаа петокраката од државниот грб. Потсетуваме дека токму со таа петокрака, македонскиот народ извојува победа против фашистичкото зло.
Државниот грб е симбол на АСНОМ, државниот грб ја симболизира антифашистичката борба на македонскиот народ и ваквиот државен грб единствено им пречи само на неоврховистите и необалистите“, стои во соопштението од Левица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа