Мицкоски: Нови 15 милијарди денари капитални инвестиции за општините

 


Денеска на редовна седница на Владата практично отпочнавме со постапката за објавување на вториот повик преку Министерството за локална самоуправа со којшто ќе се изрази интерес на единиците на локална самоуправа за финансирање на капитални проекти од интерес на граѓаните.

Станува збор за втор јавен повик за искористување на средства од оние 15 милијарди денари кои Владата ги стави на располагање на општините. Ќе повторам, до 15 милијарди денари ќе биде вредноста на овој втор повик. Но, тоа не подразбира дека сите овие средства ќе бидат потрошени во тековната фискална година. Ќе повторам за да нема забуни во јавноста, можно е некои проекти да влезат и во три годишни буџети, и во 2025-та и во 2026-та и во 2027-та. Некои проекти да бидат само во 2025-та, некои да бидат и во 2025 и во 2026 итн., за да биде појасно. Но, вкупниот волумен на средства со кои што ќе се финансираат проектите од овој втор повик, за којшто денеска отпочнавме процедура на редовна владина седница, е до 15 милијарди денари.      

За таа цел, се задолжуваат Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за спорт, Министерството за култура и туризам, да ги утврдат критериумите со коишто ќе се финансираат овие проекти преку капитални дотации. Таква е процедурата, иако за критериумите Министерот ќе зборува малку подоцна.

Владата воедно го задолжи или ќе го задолжи, откако ќе заврши дебатата, Министерството за локална самоуправа, практично, откако сето ова ќе биде искристализирано, издефинирано, да го објави јавниот повик за изразување на интерес од страна на единиците на локална самоуправа за финансирање на овие проекти коишто се дел од овој втор повик.

Ќе повторам, општините преку овој втор повик ќе имаат на располагање до 15 милијарди денари за проекти коишто ќе бидат финансирани од централниот буџет или централните буџети, во зависност од периодот на реализација на овие проекти.

Ова се значајни средства кои се ставаат на располагање на општините за изградба на капитални проекти, како што се училишта, градинки, паркови, водоводи и канализации, со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните.

Ќе повторам, се работи за историски најголема инвестиција на централната власт во единиците на локалната самоуправа, општините преку кои директно се влијае на подобар живот и повисок стандард.

Ова е втор јавен повик, а минатиот повик 78 општини добија 288 проекти со вкупна вредност од 4,5 милијарди денари или повеќе од 73 милиони евра. И дополнително преку Министерството за транспорт, отприлика околу 800 милиони денари коишто се средства коишто со посебна програма беа доделени за финансирање на проекти во општините.  

Вака директно се помага на граѓаните и општините. И ова се мерки коишто се однесуваат  само за граѓаните. Само вака, со работа и посветеност го исполнуваме ветеното и Македонија станува повторно ваша – на народот.

За сите останати детали ќе продискутира Министерот за локална самоуправа”.

04.02.2025 - 16:23

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега