Јовановски до Богдановиќ: На центарци им се наплаќа паркингот во Центар, ние ќе направиме тие да имаат бесплатен паркинг
Ќе изградиме пет нови монтажни гаражи и паркингот за центарци ќе биде комплетно бесплатен. Во моментот паркингот за центарци не е бесплатен, јас исто така имам налепница од ПОЦ, договорот со ПОЦ чини 250 денари и годишно е 100 денари.
Ова денеска во гостувањето на телевизија Алфа го истакна кандидатот за градоначалник на општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Јовановски, посочувајќи му на неговиот противкандидат и директор на „Паркинзи на општина Центар“, Саша Богдановиќ дека на оние паркинзи кои се затворени се рампа, центарци се принудени да платат за паркинг. Јовановски му покажа на Богдановиќ две фискални сметки како доказ дека тој како граѓанин на општина Центар плаќа за таа услуга.
-На центарец му се наплаќа паркингот во Центар. Јас велам дека една од работите кои што ќе ги направиме – центарци ќе имаат бесплатен паркинг во својата општина. Тоа е една од многу важните работи, истакна Јовановски.
Потенцира дека во неговата програма предвидени се нови пешачки зони и нови пешачки патеки.
-Како идеја ја давам, тоа сигурно ќе го дебатираме со граѓаните, ќе имаме отворени јавни расправи и ќе го чуеме мислењето на експертите, да имаме пешачки зони каде што да речеме, како предлог, сабота и недела во најурбаниот дел, определена зона да биде исклучиво пешачка зона, освен за оние кои што имаат гаражи и треба да стигнат до своите згради. Ќе го субвенционираме секое купување на велосипед, максимум до 4.000 денари, вели Јовановски.
Потенцира дека мора да се ослободат тротоарите од паркирани возила во Дебар маало.
-Да не дозволиме мајките со колички и малите деца да трчаат меѓу автомобили. Во опасност се става животот на некои деца, постари лица. Има луѓе кои имаат проблем со движењето, затоа тротоарите мора да бидат наменети за граѓаните. Тие да бидат сигурни и достапни за нив, посочи Јовановски.
Додаде дека во неговата програма предвидено е времено стопирање на издавањето на дозволи за градба во Центар. Јовановски појаснува дека оние кои во моментот градат нема да бидат стопирани и нема да претрпат никаква материјална штета.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа