Мицотакис: Почитувањето на Договорот од Преспа е неопходен предуслов за да се отвори европски пат на соседната земја
Почитувањето на Договорот од Преспа е неопходен предуслов за во некој момент да се отвори европски пат на соседната земја, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на прес конференцијата по завршувањето на Самитот на ЕУ во Брисел и уште еднаш ја истакна потребата да се почитуваат меѓународните договори, јави дописничката на МИА од Атина.
На новинарско прашање дека премиерот Христијан Мицкоски во Брисел говорел за Македонци и Македонија, Мицотакис коментираше дека пред него, односно на Самитот и на состанокот на Европската народна партија, „го користеше официјалното и единственото име на земјата“.
-Сакам да нагласам, единственото име на државата, а тоа е Северна Македонија, кое во секој случај има обврска да го користи ерга омнес, односно и во внатрешноста на неговата земја. И вчера и денеска ја повторив потребата од апсолутно почитување на меѓународните договори. Нема да го повторам моето мислење за Договорот од Преспа. Имам кажано дека нашата земја е обврзана да го почитува, а подеднакво обврзана да го почитува е и соседната земја. И ова е очигледно неопходен, не доволен, туку сигурно неопходен предуслов за во некој момент да започне, суштински да се отвори нејзиниот европски пат, рече Мицотакис.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа