Марија го преживеа хоророт но ја изгуби сестрата: Барем ќе горевме заедно, не се издржува

 

Младата Марија Тасева која е една од оние кои се спасија од хоророт во Кочани, објави емотивен и потресен пост за својата сестра Лепа, која трагично го загуби животот во дискотеката Пулс, кобната ноќ кога настапуваа ДНК.

-Не требаше вака да биде сестричке, сега почнаа твоите најубави години. Се вратив по тебе во диското за да те најдам, ама не ми дозволија да влезам, не можев да те спасам. Да ми дозволеа може ќе те спасев или ќе изгоревме заедно, ама битно заедно ќе бевме. Извини што не можев да влезам, извини многу. Ми кажа дека никогаш нема да ме оставиш, дека ќе ме чуваш, ќе бидеш до мене. Ама на неочекуван начин не’ напушти, да знаев дека последен пат ќе те видам во диското, ќе те гушнев и ќе горевме заедно. Оваа болка не се издржува. Ја закопавме мама, а сега тебе те закопувам, која судбина ја имам на овие 19 години? Секогаш ќе бидеш во моето срце сестричке, непребол…држете се со мама горе, НАЈМНОГУ ВЕ САКАМ, напиша Марија и се прости од сестра си на социјалните мрежи.

Инаку, загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска ќе бидат погребани. Во трагедијата што се случи во неделата рано наутро загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Погребните церемонии ќе бидат во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во село Облешево, додека погребите на други места од каде што има починати ќе бидат во различни временски периоди.  

Владата вчера ги задолжи државните институции, а на локалната самоуправа и на работадавачите од приватниот сектор им препорача да ги ослободат од работа и работни обврски сите вработени на територија на Кочани.

Сите  повредени во несреќата во Кочани се соодветно згрижени и добиваат 24-часовна врвна медицинска нега во земјава и во специјализираните медицински центри во странство. Од вкупно 178 повредени, како што информира вчера Министерството за здрaвство, во јавните здравствени установи во државата се третираат 64 пациенти, кои се во релативно стабилна состојба, во приватните здравствени установи се лекуваат 13 пациенти, а 101 пациент се третираат во странски медицински центри. 

20.03.2025 - 10:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега