Голема финансиска афера во Министерството за земјоделство: 24 лица обвинети за злоупотреба на службена положба

 

Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против С.Н.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 и против 23 други лица од повеќе градови од државата поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање“ по член 261 од Кривичниот законик. Пријавениот С.Н. -  соработник за финансиски прашања во Службата за општи и заеднички работи во Владата,  во периодот од ноември 2021 година до април 2022 година, кој бил ангажиран за изработка на пресметките на плата на вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја злоупотребил својата службена положба на начин што при изработка на пресметките за плата на 23 –те лица, сите вработени како Шумски полициски службеници, во сите обрасци за плата, во графата „празнични часови“ внесувал поголем број на празнични работни часови, иако знаел и имал увид дека лицата немале воопшто или имале значително помал број празнични работни часови.

Останатите пријавени лица, иако знаеле дека паричните средства кои им биле незаконски исплаќани за работа на празник се прибавени со сторување на кривично дело, парите ги присвоиле за себе. Исто така, иако биле должни, до министерството не пријавиле поголем месечен прилив, ниту побарале вишокот прилив да биде вратен, односно да биде извршена корекција на примената месечна плата.
На тој начин, пријавениот С.Н. им овозможил на другите 23 лица да се стекнат со противправна имотна корист од околу 1.548.040 денари, за кој износ го оштетиле државниот буџет.
16.12.2024 - 14:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега