Ѓорѓиевски: Ако станам кандидат за градоначалник на Скопје, очекувам победа во првиот круг
Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека ако биде кандидат за градоначалник на Скопје, очекува победа уште во првиот круг и дека ова го базира врз поддршката што ја добива од граѓаните и врз резултатите што досега ги постигна како градоначалник на Кисела Вода.
Во интервју за неделникот „Фокус“ Ѓорѓиевски зборува за неговата досегашна работа, за визијата за Скопје и можноста да се кандидира за градоначалник на главниот град.
- Ако станам кандидат за градоначалник на Скопје, очекувам победа во првиот круг. Како што кажа и претседателот на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, во следниот период ќе бидат спроведувани анкети, на кои, освен мене, претпоставувам дека ќе бидат и другите скопски градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, но секако ќе има и други личности што ќе бидат анкетирани. Јас, мојата амбиција, со оглед на тоа што сум претседател на ЗЕЛС, ја изразив уште пред повеќе од една година. Сметам дека доста сработив во општината, дека имаме резултати позади себе, енергија, тим... Но, пред сѐ, имам и концепт како треба Скопје да изгледа во перспектива, како градот треба да се среди за релативно кратко време. Мислам дека и тоа изминатиов период го поздравуваат и граѓаните од кои ја добивам сериозната поддршка. Така што, не ја криев ни во минатото, ниту сега амбицијата за градоначалник на Скопје, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Во интервјуто, тој го истакна проблемот со јавниот превоз како еден од најгорливите за Скопје и предложи конкретно решение – изградба на лесно метро, но се фокусираше и на потребата од постоење на комунална полиција за подобрување на хигиената и јавниот ред во градот, како и за планот Дрисла да стане биоцентрала. Говорејќи за потребата од стабилен енергетски систем во Скопје, најави иницијатива за изградба на гасна централа, која како што истакна, би била вистинското решение.
-Тоа што недостасува во Градот и треба да се работи до крај е гасификација на Скопје и гасна централа, која треба да се изгради во Скопје, а според мене, една од најдобрите позиции за тоа е „Охис“. Ако се дејствува организирано, градската власт, во соработка со општините, кои навремено ќе дејствуваат, ќе отстрануваат депонии, ќе создаваат зелени површини и ќе ги пошумуваат, и ако централната власт се приклучи кон процесот, овозможувајќи гасификација и изградба на гасна централа, мислам дека енормно ќе се намали загадувањето во главниот град-рече Ѓорѓиевски.
Во интервјуто тој се осврнува и на неговата работа како градоначалник на Кисела Вода, истакнувајќи дека за три години речиси целосно ја реализирал својата програма. Покрај концептот за тоа како треба Скопје да изгледа во перспектива и како градот може да се среди за релативно кратко време, говореше и за состојбите и заложбите на ЗЕЛС, за локалната самоуправа, за територијалната организација, за децентрализацијата, за проектите што општините треба да ги изготват и да аплицираат со капитални проекти за вториот повик за финасиска поддршка од Владата и на други теми поврзани со внатрешната политика во државата и судството.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа