Добри вести: Денеска се пуштаат 16 пациенти на домашно лекување

 

Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари во денешната изјава за медиумите информираше дека вкупно 16 пациенти кои се лекуваат во државава денеска се испишуваат од болница и се упатуваат на домашно лекување.
 
-Истовремено веќе се подготвуваме за прием на пациенти кои се враќаат од странство. Во моментот се вкупно 115 пациенти надвор од државата. Оваа недела очекуваме 8 пациенти да се вратат во клиниката каде што претходно биле примени и од таму ќе бидат упатени каде треба да продолжат со лекување. Минимум престојот ќе биде ден до два и потоа ќе бидат пуштени дома. Нема да оставиме ништо на случајност. Во моментот 4 пациенти се покритични од тие што се лекуваат надвор од државата. Да се надеваме дека и нивната состојба ќе се подобри, рече министерот Таравари.
 
Во моментот во Скопје се лекуваат вкупно 46 пациенти, од кои 26 се во Клинички центар (3 пациенти на КАРИЛ, 6 на пластична хирургија, 11 на токсикологија, 2 на пулмологија, 2 на детска хирургија, 1 на торакална хирургија и 1 на офталмологија). Во ГОБ „8 Септември“ и во Старата градска болница се сместени по 10 пациенти.  
 
-Се надевам дека половина од пациентите од странство ќе се вратат за две недели, кај некои веќе се прават и други оперативни зафати на кожата, и кај нас и надвор од државата и веќе зборуваме за фаза на рехабилитација, но за тоа дополнително ќе информираме, истакна министерот.
 
Воедно, министерот информираше дека тим од пластични хирурзи ќе престојува во Кочани за пациентите кои ќе бидат на домашно лекување откако ќе се вратат од клиниките, да можат да ја добијат потребната поддршка и терапија, а притоа да не патуваат.

-Ние веќе работиме со редовни програми на нашите клиники, и така ќе продолжиме. Денеска зборувавме и за тоа, бидејќи повеќето пациенти се од Кочани, тим од пластични хирурзи ќе бидат во Кочани, ќе одат таму да видат за што има потреби, за да интервенираат кога треба. Штипската болница веќе има четири пластични хирурзи. Ќе бидеме во комуникација, ќе им дадеме поддршка, за да не патуваат пациентите, туку нашите доктори да одат и да им дадат помош која што е потребна, посочи министерот Таравари.

24.03.2025 - 13:10

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега